Се издаваат последните здравствени електронски картички во Велес
По пауза од една година, подрачната единица на Фондот за здравтсво во Велес ги доби неиспорачаните електронски здравствени картички. Распределбата на 2400 нови здравствени легитимации започна веднаш. Со цел да се избегнат гужвите на шалтерите, Фондот за здравство ги издава во соработка со матичните лекари.
Имено секој матичен лекар на оние пациенти кои што немаат добиено електронска здравствена картичка им даваат потврди со кои тие можат да ги подигнат од Фондот. Како што не информираше раководителот на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, Анде Марковски, картичките се издаваат веќе три дена и тоа дневно по 70 до 90. Ова се последните картички што ќе бидат издадени и со тоа сите граѓани на Велес ќе имаат електронски здравствени картички.
Инаку на ниво на Република Македонија, дистрибуирани се вкупно 106.541 електронски здравствени картички во подрачните служби на фондот, за кои граѓаните веќе имаат поднесено барање./С.А