Месецов, дневно починати по двајца велешани
Педесет и тројца граѓани починале во изминатите дваесет и седум дена од месец јануари, годинава во Велес. Кај најголем дел од нив причина за смртта се кардиоваскуларните заболувања. Смртните последици настанале како резултат на срцеви удари и мозочни изливи. Стресот на кој што граѓаните секојдневно се изложени како и честите промени на временските прилики доведуваат до фатални последици по животот на граѓаните. Најголем број од починатите се млади луѓе на возраст од педесеттина години. Лекарите од Итна помош ја потврдуваат информацијата велејки дека променливото време најмногу влијае на влошената здравствена состојба на граѓаните особено на хроничните болни.
„Многу е значајно да се препознае мозочниот излив и нападот на срце или инфарктот. Веднаш треба да се пристапи со помош. Додека да дојде екипата на Итна медицинска помош потребно е граѓаните да го сторат следново: ако станува збор за мозочен удар тогаш болниот треба да се заврти во странична лежечка позиција и да мирува додека при инфаркт болниот најдобро е да се задржи во седечка позиција и веднаш да му се даде да изџвака и голтне три таблети Aсперин. Потоа да се сочека доаѓањето на лекарот,“ рече д-р Кирил Лазов од Итна помош.
Смртта кај дел од граѓаните настапи веднаш на лице место каде ги затекна изливот или инфарктот. Дел од нив починаа подоцна во болница. Податоците за починатите граѓани ги дадоа од погребалните служби во Велес. /У.Ј