Денеска дебата на СЕЕМ во Велес на тема : “Медиумите, изборите и улогата на саморегулацијата“
Советот за етика во медиумите на Македонија денеска во Велес ќе одржи дебата на тема “Медиумите, изборите и улогата на саморегулацијата“.
Претставниците на Советот за етика во медиумите кои ќе присуствуваат на дебатата со новинарите, портпаролите на јавните локални институции и на граѓанските здруженија ќе зборуваат за значењето и перспективите на саморегулацијата, како и за досегашните искуства на Советот за етика и соработката со слични тела во меѓународни рамки.
Настанот ќе биде искористен и за дискусија за најчестите тенденции на прекршување на стандардите во известувањето, како и за начините на кои дејствува СЕММ во врска со таквите случаи на непрофесионално и неетичко новинарство.
СЕММ е здружение на граѓани формирано од повеќе медиуми во 2014 година, а функционално започна со работа во текот на минатата година. Главната цел на СЕММ е поголем степен на почитување на етичките стандарди во новинарството, како и поедноставен пристап на јавноста (граѓани, институции и правни лица) до медиумите кога ќе се почувствува некаква повреда на стандардите на професионално и објективно известување.
Дебатата во Велес ќе се одржи во Градската библиотека „Гоце Делчев“ со почеток во 11.30 часот. /У.Ј