На старите куќи во велешкото маало „Долни Дуќани“ им треба помош
По Варналиите и „Долни Дуќани“, некогаш било едно од поубавите маала во Велес. Се наоѓа на јужниот дел од градот веднаш над главниот пат кој преставува јужен излез од градот. Таму порано граѓаните граделе големи и модерни куќи. Некои се изградени на карпи и како кутичиња наредени една врз друга. Првите ги изградиле веднаш над брегот на реката Вардар и секоја од нив имала широки чардаци со поглед кон бистрите води на реката. Граѓаните поголем дел од денот го поминувале токму на чардаците.
На главната улица во Долни Дуќани, покрај убавите куќи се отворале дуќани. Затоа што ги имало во голем број маалото го добило името Долни Дуќани. Во високите куќи најнапред живееле многу имотни бегови и аги за подоцна, во периодот пред Балканските војни, кога Турците го напуштаат Велес и Македонија, во нив да се вселат македонски семејства кои порано живееле во повисоките маала како „Мегдан“, „Бузаана“, „Којник“ и други. Така „Долни дуќани“ станало маало на угледни и имотни граѓани.
Со изградбата на железничката пруга Скопје – Велес – Гевгелија, во 1873 година, биле урнати првиот , додека со изградбата на патот и подоцна скривниците, вториот и трет ред на куќи. Пред изградбата на новиот, стариот пат кон манастирот „Свети Димитрија“, минувал низ самото маало.
Порано маалото „Долни Дуќани“ почнувало од училиштето „Кирил и Методиј“. Таму прва била куќата на семејството Ветерови, на браќата Благој и Круме. Благој имал син Владо и ќерка Билјана, а Круме имал два сина Трајко и Боре. До нив бил Ристо Јанев, со двете ќерки, а веднаш до нив живеело семејството на Брашнарови со синовите Панко, големиот револуционер, борец за човекови права, социјалист, учесник во двата Илиндена, човек кој го отвари Првото заседание на АСНОМ и кој поради несогласување со тогашните власти е испратен на заточение на Голи Оток , каде што починал. Во истата куќа живееле и неговите внуци Славчо и Живко.
Во истиот ред била и куќата на Благој Манчев, па на Војо, на Тоде Пренџов, со синовите Кочо, Лазо и Самоил, а до нив живееле Коле и Тоде Масинови. До нив бил Петре Богатинов со синовите Тоше и Ангел како и ќерката Васа, па вториот брат Лазо Богатинов со синовите Божо, Иле и Диме, па третиот брат со трите ќерки, а до нив бил Ѓоре Станинов со синовите Ацо и Ордан. До нив бил, како деленик, братот Стојан Станинов со синот Стојанче. Веднаш до оваа се наоѓала и куќата на семејството на Картовалиеви со синовите Стојанче и Миле како и ќерката Вера. Редот куќи продолжувал со домот на Иле Грачанов и неговите браќа Коле Грачанов, со синот Ацо и Петре, па Настови Ванчо и Цвета со синовите Баже, Ладе и Љупчо и на крајот Димко и Пандора Настови со синот Коле и ќерката Славка.
Над фурната на Крепиеви, во која фурнаџија бил Ордан Климкаров, се наоѓала куќата на Манче Добрев со синовите Лазар и Митко. До нив била куќата на Ѓорѓи Трпков со синот Марин па на Тодор и Лена Аџи – Ристови со синот Славчо и ќерката Снежа. Тука живееле Панче Барбутов, со синовите Андреја и Петре, па Ѓоше Барбутов, па Димо Рампе, па Ангеле, па Пецо, па Ѓорѓи Солев, со синот Мане и ќерката.
Од другата страна на улицата живееле Алачови, поточно Димко и Трајанка Станчеви со синот Стефан и ќерката Марга, а до нив биле Димко и Тоде Пренџови со синовите Коле и Димче и ќерката Вера. Тука биле и Борислав Крепиев, со синовите Милчо и Љупчо, па Бошко и Мара Ангелови со синовите Ангел, Моне и Борислав.
Во малоото живееле и Тодор Нечев, кои имал две ќерки, потоа Љубе Кузев, со синот Димче и ќерките Бонка и Рајна, па Тапанарови со синовите Бирис и Јосиф како и Среброви со синовите Јованче,Милчо и Љупчо и ќерката Злата.
Од маалото „Долни Дуќани“ се слегува кон долни пат на југ, а на запад улицата води кон куќата на големиот социјалист Васил Главинов, спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот и кон куќата на Касапови. На долни пат се наоѓаат куќите на Стојан Тоцинов, со синот Васил и ќерката Нада, потоа на Марето Мечалова, со синовите Трајче и Ѓоре и други велешки семејства.
На крајот ќе го кажеме и ова. Ако некогаш маалото „Долни Дуќани“ било симбол на убави куќи, широки улици, дуќани полни со стока и фурни денес таа слика ни од далеку не е таква. Некогаш прекрасните куќи, типично изградени според изгледот на надалеку прочуената велешка архитектура, сега се напуштени, руинирани и секој момент можат да се урнат.
Нив се чини дека сеуште можат да им помогнат општината и Министерството за култура доколку интервенираат со финансиски сретства. Во спротивно му нема спас ова градско архектонско наследство. Тоа тргнало по патот на заборавот.
Стоилко Андреевски