Каснат сметките за радиодифузна такса
Не стигнале сметките за радиодифузна такса, реагираат граѓаните на Велес. Тие велат дека веќе трет месец немаат добиено налози за да можат да си ја исполнат својата обврска и да ја подмират со Закон предвидената такса. Револтирани се и зачудени од ваквиот однос бидејќи, како што велат, еден ден, кога ќе ги добијат уплатниците, наеднаш ќе мораат да ги уплатат парите за сите месеци. Така велат дека тоа за нив ќе биде голем товар.
„Реагираме затоа што стравуваме, доколку не ја подмириме таксата, еден ден, УЈП, не само таксата туку може да ни наплати и камати или пак ќе ни ги блокира сметките како што тоа беше во изминативе години. Кој е виновен што немаме добиено незнам, но, ми се чини дека за сето ова повторно виновни ќе бидеме ние граѓаните“, рече жител на Велес.
Одговор за поплаките на граѓаните побаравме во УЈП, во Велес. Одтаму велат точно е дека претплатниците немаат добиено сметки со кои ќе можат да ја подмират радио дифузната такса. Причина за тоа наводно било пречистување на списокот на претплатници од страна на службите на МРТВ. Токму затоа не биле во можност да ги достават уплатниците. До кога граѓаните ќе чекаат да ги добијат уплатниците засега не знаат ниту во УЈП. Сепак нагласуваат дека граѓаните не се виновни за ваквата состојба и дека се додека не добијат уплатници не треба да ја плаќаат таксата.
На сопствениците на радио и ТВ приемници засега не им останува ништо друго освен да ги чекаат сметките па да ја подмират со Закон предвидената такса и да се надеваат дејка поради ваквата состојба нема да претрпат дополнителни штети./ С.А