Здружението на приватни лекари со реакции за новите измени во законот за здравствена заштита
Само приватните лекари кои работат во ординации основани во јавните здравствени установи ќе можат да вработуваат лекари без медицинска сестра. Сите останати имаат обврска покрај лекарот да вработат и медицинска сестра. Приватните лекари од примарното здравство и стоматолозите реагираат на ваквите измени во законот за здравствена заштита кој според нив ги подели и ги стави во нерамноправна положба. Тие сметаат дека законот треба да биде подеднаков за сите лекари, за да можат да се повратат назад колегите кои ја напуштиле државата.
„Овој предлог беше наш од Здружението на приватни лекари и за прв пат го промовиравме уште додека беше министер Бујар Османи и беше прифатен и дојде како точка до Влада. Истото барање одеше од 2010 па наваму и новиот министер го прифати на една јавна расправа и позитивно изреагира. Каде се има случено куршлусот во изминативе неколку месеци и зошто е ова вака конституирано и направено како член, на Здружението не му е јасно. Сите членови сакаат ова дури да биде печатна грешка и ако е тоа би замолиле тоа да се искорегира“, рече претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија, д-р Лили Чолакова Дервишова.
Ако во најскоро време не се искорегира измената во законот која во неповолна состојба ги става лекарите од приватните здравствени установи, еснафското здружение ќе поднесе иницијатива до Уставен суд.
„ Најдобро е да се оди со иницијатива до Уставен суд бидејќи со ваквиот член се ставаат во нерамноправна положба оние здравствени установи кои што се основани од приватни лица и кои што дејноста ја вршат надвор од јавните здравствени установи за разлика од оние кои дејноста ја вршат во јавните здравствени установи. Законите важат подеднакво за сите“, рече адвокат Гроздан Сутинов, правен застапник на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Досегашната пракса покажувала дека една здравствена установа може да работи со двајца лекари и една медицинска сестра вели д-р Чолакова. Затоа се надеваат дека надлежните ќе ги земат во предвид нивните реакции и во најскоро време ќе го искорегираат законот за здравствена заштита./Д.С