Условни затворски казни за обвинетите за сударот на возовите кај „Рајко“
На условни казни ги осуди велешкиот суд машиновозачот и диспечерот кои ја предизвикаа железничката несреќа, што се случи на 15 декември 2013 година на железничката станица „Рајко Жинзифов“ на пругата Велес – Скопје. Диспечерот доби условна едногодишна казна ако во наредните три години не стори кривично дело додека машиновозачот е осуден на условна тримесечна казна ако во наредната година не стори кривично дело. Во судницата машиновозачот го призна кривичното дело за кое се товареше но, не и дипечерот. Тие исто така ќе треба на ЈП „Македонски железници“ –транспорт да му платат штета од над 75 илјади евра. Тоа е два ипол пати помалку од штетата што првично ја побарало Јавното претпријатие, поточно 195 илјади евра.
Во пресудата на Основниот суд во Велес пишува дека машиновозачот го признал делото што му беше ставено на товар. Диспечерот беше прогласен за виновен затоа што му го одзел правото на првенство на минување на патничкиот воз и наместо него го пуштил товарниот воз. Тоа го сторил без потреба. Машиновозачот на товарниот воз во исказот пред судот признал дека го забележал црвениот светлосен сигнал, што претставува забрана за движење, кога веќе возот се движел и се обидел да закочи но, не успеал поради неприлагодена брзина на движење по шините. Бидејќи не успеал да го запре возот дошло до судир со еден од вагоните на патничкиот воз. Од ударот вагонот се превртел и со тешки телесни повреди се здобил кондуктерот во возот. Тој пред судот рекол дека не бара отштета и не бара кривична одговорност од колегите и фирмата.
Судската пресуда се однесува на сообраќајната железничка несреќа што се случи околу 17.37 часот на железничката станица „Рајко“ во месец декември, пред две години./С.А