Пролетна крводарителска акција во средното стручно училиште „Коле Неделковски“ во Велес
Триесет и девет крвни единици се собраа денеска на првата од четирите пролетни крводарителски акции што ги организира Општинската организација на Црвен крст во Велес, во средните училишта во градот. Триесет и девет ученици од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ ја подадоа својата рака и подарија крв. Дваесет и шестмина од нив за прв пат даруваа крв додека останатите дарувале на минатогодишната есенска крводарителска акција. Дури дванаесет од вкупниот број дарители се од женски пол или 27 проценти што според организаторите е импресивна бројка.
„Денеска почнавме со пролетните крводарителски акции во средните училишта во градот и морам да кажам дека сме задоволни од бројот на собрани крвни единици. Интересно е тоа што голем процент од вкупниот број на ученици што даруваа крв се од женски пол, затоа што вобичаено во сите останати акции имаме некаде околу 15 проценти на крводарители од женски пол“, рече секретарот на О.О. на Црвен крст Велес, Миле Маџаров.
Крводарителската акција во средното „Коле Неделковски“ траеше четири часа. Кон крајот на месец март ќе се одржат и во средните училишта „Димитрие Чуповски“ и „Јовче Тесличков“. Пролетните крводарителски акции завршуваат со Гимназијата „Кочо Рацин“ во април годинава./Д.С