Фатени прилепски дрвокрадци во пустошење на планината Мукос
Триесетина дрвокрадци вчеравечер ги сардисаа и пустошеа планините Мукос од велешка страна и Бабуна. Со рачни моторни пили ги сечеле дабовите дрва од шумите во атарот на селата Степанци, Смиловци и Поменово. Исекле вкупно единаесет метри огревно дрво наменето за продажба на црниот пазар во Прилеп.
Пленот го натовариле во едно комбе , пет автомобили марка лада и еден автомобил фиат 1300. Токму тогаш, на локациите каде била извршена масовната бесправна сеча стигнале шумската полиција, полицијата и шумското стопанство. И веднаш започнал ловот на дрвокрадците. Штом тие ги забележале полицајците се поделиле во две групи и се дале во бегство. Шумските полицајци испукале три предупредувачки куршуми во воздух а потоа настанала вистинска бркотница која траеле цели шест часа. Кога фатиле дел од нив тие се бранеле дека за сечењето на дрвата имале дозвола од локален прилепски функционер.
„Тешко беше да се совладаат бидејќи теренот беше непристапен и лизгав поради дождот. Дрвокрадците беа поделени во две групи, раштркани низ шумата во близина на селото Степанци. Дури пружија и отпор, почнаа да го кршат џипот , па моравме со три истрели од оружје да ги предупредиме. Сепак на крај успеавме да ги фатиме и дел од нив се лишени од слобода“, рече командирот на шумската полиција во Велес, Горан Тодоров.
Седуммина од дрвокрадците на возраст од 15 до 43 години се фатени и лишени од слобода на синоќешната акција на шумската полиција.
„Три лица се затекнати како вршат бесправен превоз на огревни дрва и од истите одземени се две патнички автомобила марка лада , како и едно комбе застава. Во непосредна близина каде што се затекнати лицата пронајдени се исто така и четир патнички автомобили лада исто така натоварени со огревни дрва и затекнати се уште четири лица од Прилеп за кои постои сомневање дека се сторители на кривични дела. Возилата и дрвата се одземени од страна на шумската полиција заради понатамошна постапка и поднесување на соодветни пријави“, рече портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска.
Велешката полиција во соработка со шумската полиција и шумското стопанство „Бабуна“ и во иднина ќе продолжи со контроли и акции против пустошењето на шумите и нелегалниот превоз на огревно дрво./Д.С