Заев: „Експерти а не политичари во МРТВ и Македонско радио“
За време на денешната посета на Велес лидерот на опозицијата Зоран Заев даде изјава во која се осврна на целта на посетата, средбите со велешани и се осврна на најактуелните општествено економски состојби во државата. Потоа Заев одговори на поставените новинарски прашања. На прашањето дали ќе имаат доволно време државните институции да ги проверат на терен спорните 200.000 граѓани со право на глас или како што Заев ги нарече фантомски гласачи тој одговори:
„Аргументациите на ВМРО-ДПМНЕ, кога дебатиравме за теренската проверка, беа дека за 22 дена се прави попис во државата или може да се направи попис во државата. Ако се откриени над 200.000 поточно помеѓу 200 и 240 илјади спорни имиња и презимиња на граѓани тоа значи дека на терен се некаде меѓу 50 и 70 илјади објекти, што треба да се посетат. Знам дека ДИК е подготвен со 700 тима или меѓу 500 и 700 тима. Теренската проверка е апсултно можна да се направи во 5 до 9 дена, но да се тргне од дом во дом и тоа да се констатира. Уште еднаш потенцирам, ќе затекнеме при тие теренски проверки наши сограѓани кои што времено или трајно ја напуштиле Македонија, но имаат и лична карта и пасош. Проблемот е во тоа, граѓани што живеат надвор од државата а некој ги злоупотребуваше во Македонија да им се даде право да гласаат лично. И тие не се бришат од избирачкиот список. Тие само се ставаат во вториот дел , односно граѓани кои што имаат право на глас , а живеат во странство. Тој дел што е фантомскиот, сведоци се граѓаните, сведоци се и МВР. По јавното објавување сите ги видовме. Секој глас мора да има вредност во Македонија. Ако некој крадел избори, тоа повеќе не смее да се случи во државата,“ рече Заев.
Дали го прочистуваме вистинскиот список, или само избирачкиот список на кој овој пат ќе гласаме и во прв и во втор круг?
„Тоа е вистинскиот список. Споредбата се правеше на последниот избирачки список од 15-ти декември 2015 година со останати 10 бази од државните институции. Таму видовте дека има луѓе , мислам дека беа 192.000 коишто се појавуваат само во базата на МВР, а ги нема во ниту една од 10-те бази. За нив е апсоултно јасно, дека се граѓани кои немаат трансакции на сметка ни социјална помош, немаат пензии, нема ништо. Тие луѓе не постојат во Македонија. Голем дел од тие луѓе се и во странство,“ рече Заев.
Пред два дена господинот Орав или амбасадорот на ЕУ при неговата посета на Велес даде изјава во која за медиумите како обврска од Пржинскиот договор рече дека партиите разговараат, имаат неформални разговори. Што е вистината? Дали преставниците на политичките партии се среќавате и дали разговарате? Ќе го затворите ли комплетно пржинскиот договор до крајот на периодот пред изборите или пак по тоа прашање има нешто што јавноста сеуште не го знае?
„Транспаретноста на постапката што граѓаните ја следат преку вас, новинарите, беше прочистувањето на избирачкиот список. Вчера беше објавено до каде е стигнато. Денеска се очекува јавна седница на Државната изборна комисија за да слушнат сите граѓани и да ги знаат одлуките . И тука нема дилеми, во тој процес. Второто прашање е реформите во медиумите. Социјалдемократскиот Сојуз не се откажува од реформите во медиумите. Но уште еднаш потенцирам , ние сме само една од четирите страни преговарачи. Бевме на Сител гости, бевме гости во Канал 5 коишто важат за провладини медиуми да докажеме дека е неопходна реформа во медиумите, да ги спуштиме топките пополека и да го успокоиме целиот овој амбиент. Токму преку медиумите да имаме фер шанса сите за рамноправно учество и очекуваме дека ќе се случат поместувања во тој дел. Во Совет на Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги, не бараме да бидат таму членови од СДСМ, бараме да бидат експерти, луѓе со 8 години работно искуство, повеќе од 5 години да имаат во работата во медиумите, коишто не припаѓаат на ниедна политичка партија. Истото го бараме и за Македонската радио телевизија. Тоа е нешто кое што треба да доведе до состојба да не зависат повеќе овие јавни државни институции како МРТВ и Агенција за визуелни и аудио визуелни медиумски услуги од политички претставници туку сите овие институции да ги водат експерти,“ рече Заев.
Се откажувате дефинитивно од претходните барања за рамноправна политичка застапеност дури и во Советот на МРТВ како и во останатите органи и тела на управување на телевизијата? Како политичка партија ве прашувам. Ако тоа не е така, зошто го барате и зошто не дозволувате на јавниот национален радиодифузен сервис да биде навистина независно гласило?
„Ова е официјален став на Социјалдемократскиот сојуз, се друго е шпекулација. Бараме валканите раце на политичарите , ама на сите политичари, да се тргнат од медиумите. Што значи тоа? Тоа значи во програмскиот совет на Македонската радио телевизија да бидат експерти. Експерти кои нема да зависат ни од Груевски ни од Заев, ни од Ахмети ни од Тачи. Се знае како. Има критериуми по коишто ќе се распише конкурс, ќе конкурираат луѓето, ќе дојдат на јавно сослушување на комисијата за именување во Парламентот, не само да се претстават пред пратениците од СДСМ, ВМРО или другите партии, пред граѓаните да се престават. Каква програма, што визија имаат, кој е нивниот акционен план и на крајот со 2/3 мнозинство да може да се изберат тие луѓе. И да не должат никому ништо. Истовремено да има буџет фиксен за Македонската радио телевизија. Радиодифузната такса да се укине комплетно. Да има фиксен буџет којшто секој месец, меѓу 1-ви и 5-ти ќе значи месечно финансирање на МРТВ. Покрај експертската независност, да има и финансиска независност. Тоа го предлагаме и за Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги. Не бараме казни за медиумите. Медиумите имаат право на своја политика, нека ја креираат својата политика, но бараме почитување на етичките стандарди, професионалните стандарди , ако сакаме да добиеме медиуми коишто ќе ја унапредат демократијата во Република Македонија,“ рече Заев./У.Ј