Арсо Чанев, кондураџија со специјалност за војнички чизми
Кондураџијата Арсо Чанев бил еден од најпознатите мајстори во велешката чаршија до четириесетите години на минатиот век. Постарите велешани секогаш велеа дека на мајстор Арсо му немало рамен посебно во производството на војнички чизми , а голем мајстор бил и за изработка на машки кондури.
Овој познат за велешани кондураџија е роден 1900 година. Многу мал останал сирак. Татко му Игно Чанев починал кога Арсо имал само четири години. Мајка му Сута се премажила за кондураџијата Димко Бочваров кај кого Арсо од својата седма година почнал да го учи кондураџискиот занает. Бочварот бил прочуен и добар мајстор како и добар човек. Направил се неговиот посинок Арсо да го научи занаетот. Димко имал дуќан во центарот на градот , во близина на денешниот дуќан на Фото Душко. Дуќанот бил на некој папрадиштанец па Димко му плаќал ќирија. Во нивниот дуќан единствено во Велес се правеле високи војнички чизми па Димко немал проблеми со нивната продажба бидејќи однапред правел договор со одговорните од касарната на тогашната војска на стара Југославија. Димко, заедно со неговиот посинок Арсо, кога положил за калфа, а потоа станал и мајстор, правеле специјални кондури и за работниците кои работеле на изградбата на железничката пруга Велес- Прилеп.
„Тие години биле најбериќетни за татко ми. Работел со својот очув од утро до мрак. Заработиле многу пари. Во исто време правеле чизми за војниците и високи кондури за работниците на пругата кои работеле на мошне тежок и каменест терен кога ја пробивале пругата низ реонот на Азот и ги граделе тунелите од Велес се до Гостиражи“, рече синот на Арсо, Миле Чанев .
Бидејќи не можел навреме да ги испорача договорените кондури Димко и Арсо ангажирале уште седуммина калфи и мајстори. Во тоа време отвориле и дуќан во Богомила. Во него ги продавале своите производи. Големата побарувачка на обувките на семејство му донело приход и овозможило богат живот.
Штом Арсо Чанев наполнил деветнаесет години се оженил со убавата Роса Лукарева од Башино Село. Младиот брачен пар до 1923 година живеел кај очувот Димко, во куќата што се наоѓала во месноста Долни Пат. Потоа Арсо купил куќа во близина на Црна џамија. Куќата била убава и се наоѓала во близина на брегот на Вардар. Арсо со Роса имале шест деца од кои четири машки и две женски.
„Татко ми не само што беше добар мајстор туку беше и многу добар човек. За него најважно беше семејството, жената и децата. Ние шестте негови деца секогаш бевме сити и облечени. Знаеше да не советува велејки: И најголемиот душман сирак да не остане. Така велеше зашто знаеше што значи да растеш без татко. Го сакав зашто беше олицетворени на вистината, неговите зборови беа алтани на секоја наша детска будалаштина што ќе ја сторевме без да размислиме за последицита,“ рече Миле додека деновиве разговаравме а тој се врати назад на спомените на својот татко. Милан Чанев има 88 години и добра меморија.
Продолжувајќи да раскажува Милан ми рече да запишам дека татко му Арсо сам го продолжил занаетот по смртта на дедо му Димко. Работата добро му одела се додека и тој изненадно починал во 1940 година. Но семејната кондураџиска традиција тогаш ја продолжиле неговите синови Милан и Лазо.
Работеле неуморно и чесно па затоа не им посметало тоа што газдата на дуќанот, папрадиштанецот, од нив побарал да му го ослободат објектот. Двајцата браќа ортаци по неколку месеци се преселиле во дуќан во центарот на Велес што се наоѓал на местото на летната бавча на поранешниот хотел „Интернационал“. Во него ја продолжиле работата токму кога почнала Втората светска војна. Се соочиле со нова неволја. Германските авиони го бомбардирале градот и во него дошла бугарска војска. Германски војници имало само на железничката станица кои единствено се грижеле за проодноста на пругата Скопје- Велес- Гевгелија додека бугарските војници биле насекаде во градот. И во тие денови двајцата браќа произведувале чизми и кондури и живееле, не како пред тоа но имале за леб.
„Тие ни беа најтешки години. Татко ми Арсо многу ни недостастваше. Тој ни беше како потпора. Немавме мака од Германците ама Бугарите беа сурови и митаџии. Ако не им дадеш чизми, кондури или пари знаеја и да тепаат па затоа ние секогаш моравме да им даваме за да не остават на мира. Тешки, тешки години беа тие“, рече Милан.
По две години работа браќата Милан и Лазо морале да го затворат дуќанот.Со затварањето и на нивните врати зачукала сиромаштијата. Војната завршила. Веднаш по ослободувањето Народната власт, за потребите на народот и армијата, го формира претпријатието „Катуша“. Покрај другите во него на работа биле повикани и двајцата браќа, кондураџии и добри мајстори. Со работата обезбедиле среден живот.
По неколку години работа во „Катуша“ Милан Чанев се вработил како граѓанско лице во ЈНА, во велешката касарна, поправајќи ги чизмите на војниците и старешите. Таму работел до пензија не оставајќи го татковиот занает. Неговиот брат Лазо се вработил во полиција.
Стоилко Андреевски