Младиот кромид од Башино Село на пазарот во Хрватска и Полска
Околу триста тони млад кромид досега се откупени од Башино Село и велешките бавчи. Откупната компанија „Агрокор“ од Струмица како и поголем број накупци од Скопје и некои градови од Косово, младиот кромид на башиноселци им го платија по педесет денари за килограм. Според производителите ваквиот начин на откуп е веќе завршен и тие се задоволни од откупната цена. Моментално компанијата и накупците го откупуваат младиот кромид на снопови кои тежат по пет килограми, по цена од 170 до 200 денари.
„Задоволен сум од годинешниот откуп на младиот кромид. Од еден декар извадив тон и пол кромид и добро заработив. Временските прилики беа наклонети па преку цела зима имаше млад кромид и откупувачи. Годинава планирам покрај една фолија млад кромид да засадам на уште една. На овој начин приносот е многу поголем и квалитетот е подобар“, рече Илија Диманов, земјоделец од Башино Село.
Струмичката компанија, која младиот кромид од велешко го пласира на пазарите во Хрватска, Полска и други европски земји, деновиве ќе продолжи со откупот на останатите количества на млад кромид. Се очекува да бидат откупени уште 150 до 200 тони само од реонот на Башино Село и дел од бавчите на Велес. Земјоделците очекуваат годинешниот род целосно да биде продаден и површините навреме да ги подготват за садење на земјоделските култури како што се доматите, пиперките, зелката, празот и други.
Инаку во велешко годинава под млад кромид беа посадени околу педесет хектари од кои се очекува да бидат откупени од 400 до 500 тони./С.А