Велешки Мегдан, маало познато по славењето на празникот Чист понеделник и по Пепи Манасков, македонска ракометна легенда
Мегдан е едно од поголемите маала во Велес. Се наоѓа на крајот на највисокиот југозападен дел на градот, веднаш под соборната црква „Свети Пантелејмон“. Името го добило по турскиот збор Мегдан, што значи широко место погодно за собирање. Карактеристично за ова велешко маало е тоа што во повисокиот дел над него имало и Мало Мегданче, место што се наоѓало под стрмнините на Вршник и граничело со маалото Бузана.
Во центарот на Мегдан се наоѓале дуќани и фурна. Пред нив граѓаните се собирале и за арно и за лошо. Ретко како кои мегданчани живееле многу сложно и први во Велес започнале, на центарот, да прават голема софра за празникот Чист Понеделник. Тие се познати по казанот во кој подготвуваат највкусен посен грав со растриени црвени суви пиперки како и по орото и песните на денот на празникот. Оро и песна имало и на Велигден и на Божиќ. И до ден денес традицијата жителите на ова маало ја продолжуваат особено за Чист Понеделник кога на гости им идат жители од сите други маала од Велес. Чести гости им се и поранешни жители од маалото кои сега живеат во други делови на Велес или пак во Скопје, низ македонија и во странство. Мегданчани се горди на традицијата за која велат дека нема да дозволат никогаш да згасне.
Ианку во стар Велес на центарот на Мегдан се наоѓала куќата на семејството Гајдови. Тоа била двокатна куќа со работилница и дуќан во приземјето и на катот соби за живеење. Во неа живееле Ѓорѓи и Марија Гајдови- Балкан со синовите Киро, Димко и Трајко како и ќерките Василка и Цана. До Ѓорѓија живеел неговиот брат Илија со сопругата Пандора Гајдови со децата, поточно синовите Никола, Љубе и Петре како и ќерката Марика. До нив, во редот од куќи, живееле Лазо и Мица Нојкови со ќерката Марга, потоа Никола и Павлина Пачуков и Пала Пачукова со синот Тошо и ќерката Рахилка.
На долната страна од широчинката се наоѓала куќата на железничкиот кондуктор Никола со сопругата Павлина Дебарлиеви, со синот Томо и ќерката Љубинка, а до нив бил братот Панко со сопругата Филимена Дебарлиеви, со синовите Јордан – Онче и Боро како и ќерката Бојка. Потоа една до друга следеле куќите на браќата Петре и Љуба Тирови , со синовите Лазо, Бранко, Божидар и ќерката Олга, на молерот Јордан со сопругата Вера Тирови со децата Јован и Милка.
Во улицата што води кон црквата „Свети Пантелејмон“ живееле фамилиите на браќата Коло и Ристо Попчеви со сопругите Марија и Деница како и децата Боро , Марија и Слободанка. Веднаш до нив била куќата на Димко и Пандора Сивакови со ќерката Летка. Таа била многу убавата куќа, ремек дело на старата велешка архитектура со која Димко, службеник во „Жито Вардар“, особено се гордеел. Веднаш до него живееле Левко и Лена Накови, со ќерките Катерина и Лилјана, а тука бил и третиот брат од Дебарлиеви Ѓорѓи со сопругата Софија, со синовите Миле, Јован и Лазо како и ќерката Загорка. Ѓорѓија бил познат рибар. Ловел риба во Вардар, Тополка, Бабуна , ја продавал и од тоа живеел.
Таму живеело и семејството на Петре и Зора Апцеви со синовите Борис и Димитар и ќерката Султана, потоа столарот Ганчо со сопругата Марика, со синот Панче и ќерката Десанка, па Јован и Лена Дрвенкови со синот Киро и ќерките Благородна и Марика, кондураџијата Димко со сопругата Сута Шестакови со синот Орце и ќерките Вера и Марија.
Исто така во маалото Мегдан живееле Ѓошо и Викторија Виткарови со синовите Владо и Панче, потоа падарот Панче Павлов со сопругата Стојна и синовите Ѓорѓи и Бранко, па ѕидарот Јордан, со сопругата Тонка Павлови, со синовите Душан и Живко и ќерката Василка.
Таму куќи направиле и Стојан и Родна Тозиови, со синот Трајко и ќерката Марика, па Киро падарот со сопругата Филимена и синот Трајко, потоа Панче, Пецо и Бошко Ѓаволови, па Трајко и Маре Илиеви со синот Тошо и ќерката Бажа, па Живко и Ратка Илиеви со синот Коле.
Во горниот дел на Маалска живеел и слаткарот Пецо и Ерина Јованови , со синот Македон и двете ќерки од кои едната се вика Мимоза, како и семејството на Грозда и Македонка Љубеви. До нив беа Киро и Деса Тоцинови, со синовите Коло и Трајко и двете ќерки, потоа Благој и Мара Тоцинови со синовите Коло и Трајко и ќерките како и Ладе и Родна Тоцинови со синот Тошо.
Во улицата на долниот дел на Мегдан, која води кон Маалска и училиштето „Свети Кирил и Методиј“ живееле Киро и Грозда Попандови со синот Ордан и ќерката Епса, па Лазо и Сута Маневи, па познатата касапска фамилија Чукниеви, со таткото Трајко и мајката Марика, чии синови се Зоран, Максим и Коце.
На местото на некогашното женско училиште куќа изгради и во неа живееше познатиот мајстор, ѕидар, Славе Бондиќов со сопругата Бланка и неговиот брат Трајко со сопругата Благојка и синот Тодор Бондиќови.
Редот продолжуваше со куќите на браќата Стеван и Лазо Виларови, па Тодор и Васа Витанови со синот Стојан, потоа грнчарот Славе со сопругата Љуба и синовите Војо и Ацо Василеви, па Бојан и Роска Цареви со синот Коле и керката Билјана, а тука живееја Чореви, таткото Благој со синовите Коло и Пано. Потоа следна беше куќата на Васил и Марика Василеви со синовите Коле, Љубе, Лазе и ќерката Цана.
На Мало Мегданче пак живееле и Ѓорѓи и Марика Манаскови со синовите Круме и Панче, потоа Петре и Весна Манаскови со синовите Димче и Симо како и ќерките Ката, Невена и Јулијана. Димче и Марионка се родители на познатиот македонски ракометар Пепи Манасков чии синови Дејан и Мартин одлично го врват татковиот пат.
Во близина на семејната куќа на Манаскови живееше и семејството на Мане Рогужаров , со синот Киро и ќерките Нада, Грозда и Лила. Во ова маало живееја Лазо и Ангелина Катранџиеви со синот Благој и ќерките Пала и Љубенка.
Во запишувањето на старите семејства кои живееле во маалото Мегдан ни помогнаа 84-годишниот Панче Трајков, вработен во Македонски железници и еден од граѓаните кои го формираа боречкиот клуб „Борец“ заедно со Јове Тодоров, кој сеуште живее со своето семејство на Мегдан.
Стоилко Андреевски