Падна и тешко се повреди велешанец од трети кат во зграда на главната градска улица
Падна велешанец од прозорец на трети кат, во зграда со приземје на улица „Благој Ѓорев“ број 93 во близина на раскрсницата над Гимназијата. Несреќата се случила претпладнево околу 10 и 30 часот и сведоци се граѓаните кои се движеле по тротоарот како и продавачите и купувачите во продавниците што се наоѓаат во приземјето на зградата. Тие веднаш повикале Брза помош и притрчале да му помогнат на тешко повредениот кој давал знаци на живот. Станува збор за маж на возраст од над триесетина години кој добил прва медицинска помош и веднаш бил пренесен во Болница.
Хирурзите и ортопедите од хирушкото одделение велат дека го реанимирале пациентот кој се здобил со сериозни повреди на главата, имал внатрешно крварење и бројни скршеници по телото.
„Беше многу вознемирен и имаше големо крварење од носот потоа скршена надлактица од рака, колено, ребра и други делови на телото. Направивме дијагностика и проценивме дека најсериозните повреди се на главата. Затоа веднаш го транспортиравме во Ургентниот центар во Скопје, “ рече дежурниот трауматолог д-р Љупчо Леов.
Несреќата е пријавена во полициска станица , рече портпаролката на СВР Анита Стојковска. На лице место е увидната полициска екипа. Од увидот се очекува да бидат откриени причините за паѓањето на човекот./У.Ј