Одбележана годишнината од смртта на бегалците кои загинаа во железничката несреќа кај Рајко
Комеморација и молитва денеска беше одржана на градските гробишта во Раштани, близу Велес, за четиринаесетмината бегалци од Авганистан и од Сомалија кои лани, на 24 април, ги загубија животите во несреќата кај станицата Рајко, на железничката пруга Скопје – Гевгелија. Ним, граѓанска и верска почит дојдоа да им оддадат преставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамет Ариф, претставници на граѓанската организација „Легис“ од Скопје и на Исламската верска заедница од Велес. Покрај заедничката гробница пред присутните верскиот обред, молитва, го одржа оџата Сејфедин Селимовски додека високиот преставник на УНХЦР потсети на голготата и страдањата на стотиците илјади граѓани од Блискиот Исток кои бегаат од војни во родните држави.
„Сеуште има луѓе на патот на кој загинаа овие бегалци. На годишнината од смртта на овие сакам да се кажам дека одговорноста за бегалците штом излезат од своите земји треба да ја превземат државите во кои тие влегле за да не бидат отфрлени и да не им биде загрозена безбедноста. Многу е тажно да се знае дека овие луѓе кои бегале поради тоа што биле небезбедни во своите земји дошле тука и ги загубиле животите. Земјите, меѓу кои е и Македонија, мора да постават безбедносни системи и да се грижат за беглците или мигрантите за да не се повторат ваквите несреќи и да не им бидат загрозени животите. Во името на УНХЦР сакам да заблагодарам на локалната заедница на Велес, на Ленче Здравкин и невладините организации за денешната комеморација. И наша одговорност како УНХЦР, Обединети Нации и високите институции е да се погрижиме и во иднина да не ни се случуваат вакви човечки трагедии,“ реле Афиф.
Високиот преставник на УНХЦР на крајот од обраќањето се помоли велејќи дека Бог треба да им прости на овие луѓе, на овие души, како и на сите кои ги загубија животите на нивниот пат кон европските земји каде посакаа да бидат за да се спасат од страдањата и ужасите на војната. Тој во дел од своите молитви ги спомна и семејствата и роднините на загинатите бегалци и мигранти за кои од Алах побара трпение и утеха за нивната загуба. /У.Ј