Се уредува крајбрежјето на велешко езеро „Младост“ а граѓаните бараат уредување и на плажите
Крајбрежјето на велешкото езеро Младост се уредува, но се уште најголем проблем останува плажата и пристапот во водата. Со зачестените врнежи минатата година нивото на водата драстично се зголеми и ги покри импровизираните плажи, па сега во неа се наоѓаат остатоци од дрва, трска и други предмети и не е безбедно за капење.
„Ако не се исчисти сметот и не се исече трската се е џабе,“ рекоа рибари кои постојано ловат на езерскиот брег. Дел од нив раскажаа дека за улов мораат со чамци да пловат кон средината на езеската шир.
„Нема кај простирка да постелеш или да легнеш бидејќи плажите се во ужасно лоша состојба поточно нерамни, нема песок ниту ситни камчиња. Само нерамна земја има на местата кои се одредени за сончање,“ се поплакаа граѓани кои во лето секојдневно доаѓаат на езерскиот брег на Младост.
Од локалната самоуправа велат дека следна фаза во уредувањето на крајбрежјето на езерото ќе биде отстранувањето на дрвјата и останатите растенија од водата со цел да се создадат безбедни услови за капачите. Но потфатот ќе почекал се додека не се повлече езерото.
„Ние планираме во првата фаза откако ќе ги завршиме градежните зафати околу изградбата на патеките и поставувањето на клупите и летниковците, да преминеме кон чистење на дрвјата. Повеќе години езерото беше повлечено и порасна бујна вегетација. Планираме да ги отстраниме и исчистиме, но мораме да почекаме да се повлече малку езерото за да не останат и други подводни препреки од кои би можеле капачите и малите деца да се повредат“, рече градоначалникот Славчо чадиев.
Локалните власти најавија дека се во преговори со каменоломите кои се наоѓаат во непосредна близина на Велес за да обезбедат ситен камен со кој ќе се постелат плажите како и на пристапот во водата во езерото.
Инаку на крајбрежниот појас општината направи стази со бекатон плочки и на нив постави клупи и летниковци. Сега ќе треба да се постават и корпи за отпад, сијаличен систем како и систем капка по капка за наводнување на цветните аранжмани што допрва треба да бидат насадени.
Велешани коментираат дека плановите се добри само што уште треба да се остварат. Пожелно би било, велат граѓаните, да бидат реализирани пред отворањето на летната сезона./Д.С