Власта и опозицијата во Велес се препукуваат за аферите во образованието
Велешката опозиција обвини за непотизам во посебното основно училиште „Маца Овчарова“. Од СДСМ изјавија дека актуелната директорка на училиштето Татјана Попова, која функцијата ја презела пред неколку месеци, во училиштето го вработила својот син.
„Ова претставува класичен непотизам , самоволие и злоупотреба на службената положба на кадрите поставени од ДПМНЕ . Ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки согласно своите законски надлежности и да ја известат јавноста . За сите злоупотреби мора да следуваат соодветни законски постапки“, рече секретарот на СДСМ Велес Марјанчо Јорданов.
Опозицијата обвини и за хаосот што владеел во Гимназијата Кочо Рацин, за аферите што го тресат училиштето како и за како што велат незаконското работење на директорот, кадар на ВМРО ДПМНЕ.
Од владејачката партија пак ги демантираат обвинувањата на СДСМ. Во писменото соопшетние до медиумите се вели дека лицето што го посочи СДСМ било вработено уште пред три години и тоа додека на чело на училиштето бил претходниот директор. Обвинувањата за Гимназијата од владејачката партија ги сметаат за класичен обид за тенденциозно искривување на вистината./Д.С