Мајстор Благој Јованов, берберот на Рацин и на Прличко
Во триесеттите години на минатиот век на плоштадот Којник е отворена берберницата „Победа“на мајстор Благој Јованов. Тој името на фирмата го избрал поради тоа што берберницата била збирно место на младите којничани со напредни идеи и затоа што го сакал спортот. Тогашните српски власти често на мајстор Благој му забележувале за името на фирмата но тој никогаш не го променил.
Овој којничанецот е роден во 1914 година како едно од трите деца, две машки и едно женско на земјоделците Трајко и Тимка Јованови. Тие имале и своја кафеана која се наоѓала во долниот кат на куќата во центарот на плоштад Којник. Братот на Благој се вика Орце а сестрата Цвета, која подоцна се мажи во Виларови.
Благој на четиринаесет годишна возраст посакал да продолжи да се школува меѓутоа родителите немале можности па затоа татко му го дал да работи како чирак кај мајсторот бербер кој работел во берберницата отворена во нивната куќа. За брзо време Благој положил за калфа, а потоа и за мајстор. Тој во 1928 година самостојно отвара дуќан во кој за брзо време собрал голем број на муштерии. Берберницата „Победа“ секогаш била полна со граѓани. Едни доаѓале да се подстригуваат или бричат, а други пак на разговор за да разберат што се случува во градот со секојдневниот живот, со политиката, со спортот.
„ Еден од најдобрите пријатели и редовен муштерија, кој до крајот на животот, му доаѓаше во дуќанот беше доаенот на македонското глумиште Петре Прличко. Покрај Прличко доаѓаа и многу други познати велешани. Муштерија му беше и Кочо Рацин. Татко ми многу не зборуваше. Знаеше внимателно да слуша, а многу ретко да кажува нешто особено пред луѓе кои малку ги познаваше“, рече Трајко, син на мајстор Благој.
(Мајстор Благој со сопругата Василка и постариот син)
Благој и за време на Втората светска војна не го затварил дуќанот во кој за да ги бричи или подстригува редовно доаѓале бугарските па потоа српските, а многу поретко германските војници. Во 1944 година, на поодминати години, Благој се оженил со Василка Богоева со која имаат два сина Трајко и Тихомир. Трајко по завршување на средното училиште работи во трговијата, а подоцна , по смртта на татко му во берберницата отвари колонијален дуќан. Брат му Тихомир пак, почнал да го изучува татковиот занает меѓутоа, не успеал па се вработил во печатницата „Графичар“ , а по нејзината ликвидација отвари приватна печатница и книжарница во долниот дел на семејната куќа на Којник.
„Татко ми го почитуваа сите, а особено чираците и калфите, затоа што со голема љубов им го пренесе занаетот. Од него берберскиот занает го научија повеќемина познат бербери во градот и од други градови во државата. Тоа беа Ангел Марата, Тоше Силјанот, Драги од Кавадарци, Димо, а кај татко ми како бербери работеа и Коле Страчката , Ангел Алчев, Томе од Свети Николе и други на кои во моментов не можам да се сетам “, рече Трајко син на мајстор Благој.
(Мајстор Благој со којничките другари и редовни муштерии)
Синовите на мајстор Благој Јованов раскажаа како нивниот татако бил бербер до 1976 година. Тогаш се пензионирал но по стекнатата навика од берберницата продолжиле неговите редовни дружења со којничките другари Тоде Питиќов, Бобе Цецето, Петре Челбов, Трајко грнчарот и други. Тие редовно се собирале како на слави така и на сите христијански празници, а не ретко и во саботите и неделите, кога со песни и голтка ракија или вино се дружеле.
По пензионирањето на мајстор Благој во берберницата работи Силјанот, но не за долго. Тој по некоја година си отвара дуќан во новиот дел на Велес со што конечно берберницата „Победа“ на Којник е затворена.
Сепак на мајстор Благој, како што на крајот од разговорот ни рече неговиот син Трајко, иако бил во пензија чести гости во неговиот дом му биле другите бербери од Велес на кои им ги острел бричовите и им ги поправал машинките. Тој бил единствен мајстор за овие работи во Велес.
(Семејна фотографија на Јованови)
Мајстор Благој Јованов почина во 1991 година.
Стоилко Андреевски