Велешани заедно со „Протестирам“ – протестираа и на дожд
Со чадори во едната и знамиња, балони или пароли во другата рака, се движеа вечерва низ велешките главни улици граѓаните поддржувачи на граѓанското движење „Протестирам“. Жените држеа и цветови во рака. На дождот ја пееја македонската револуционерна песна „Абре Македонче“ или скандираа „ Апаши“, „Мафија на робија“, „Револуција“, „Поддршка за СЈО“, „Готово е Никола“ и друго. Попатно на столбовите и бандерите се лепеја и се боеја постерите со ликовите на Ѓорге Иванов, Никола Груевски и Славчо Чадиев.
Демонстрантите кои вечерва ги прашавме зошто се дел од поворката вака одговорија:
„Тука сум заедно со сите овие луѓе кои сакаат да ја одбранат државата од мафијата, од фашистите, и да се укине аболицијата. Најзаслужен за тоа е Ѓорге Иванов бидејќи тој со аболицијата го поттикна народот да се осмели, да се крене, да излезе на улица. Ако не беше неговиот потег народот ќе си молчеше и ке си седеше дома. Затоа алал да му е,“ рече демонстрант.
„Претседателот Иванов мора да ја повлече аболицијата и ќе бидеме на улица се додека не го стори тоа,“ рече демонстрант.
„Оваа криминална банда треба да се тргне од Македонија, да ја снема ама народот да ја осуди не само судот,“ рече демонстрант.
„Тука сум затоа што не ги сакам Иванов, Груевски и останатите од Владата. Не ги сакам затоа што се апаши и крадат,“ рече велешанка.
Дел од демонстрантите знаеја дека за изборите на 5 јуни кандидатски листи најавија дека ќе поднесат ВМРО ДПМНЕ, Гром и уште неколку помали партии од владеачката коалиција.
„Мислам дека и тие ќе се предомислат затоа што знаат дека нема со кого да одат. Сите им откажаа нема против кого да одат и мислам дека избори на 5 јуни нема да има. И неможе да има. Прво аболицијата да се повлече а после се останато. Сигурно ќе има договор бидејќи тука е меѓународната заедница , Германија, Америка и цела Европа. Готово е ќе има затворање, аболицијата ќе се повлече и ќе бидеме сведоци на крајот на последниот фашистички диктатор во Европа,“ рече велешанец.
Од „Протестирам“ најавија дека наредната средба со своите поддржувачи ја закажале утре, четврток, со почеток во 18.30 на зборното место кај фонтаната спроти Авона./У.Ј