Се празни од шутот карабината на поранешниот хотел „Интернационал“
Се расчистува приземниот дел од поранешниот хотел „Интернационал“. Градежна фирма, подизведувач склучила договор со сопственикот на објектот за да изврши целосно реновирање на хотелот. Според нејзиниот сопственик, Љупчо Карагиров, започнато е расчистување на отпадот од внатрешноста на карабината на градежниот објект. Штом ќе се изнесе шутот и ќе се расчисти зградата ќе се почне со реконструкција.
Карагиров денеска ни изјави дека најнапред ќе се уредува приземјето на хотелот со тоа што ќе се преадаптира дел во угостителски простор и дел во деловен простор поточно продавници. Потоа ќе се средува вториот кат од хотелот планиран за канцелариски простор. Останатите простории од стариот велешки хотел и делот што старите граѓани го паметат како депанданс ќе се преуредуваат во модерни и современи хотелски соби.
И додека Карагиров информираше за се она што фирмата подизведувач на градежните работи треба да стори во рок од само неколку месеци денеска сопственикот на фирмата „Макоил“ Мите Јовановски повторно се огради од било какви изјави поврзани со поранешниот хотел „Интернационал“. Инаку Јовановски, пред неколку години, го купи објектот и во последните изјави што ги даде на новинарите на Дума, минатата година, рече дека има намера да го врати во живот најстариот угостителски објект во центарот на Велес. Тој тогаш ни го испрати и идејното решение за изгледот на новиот хотел и рече дека за да ги започнат градежните работи му е потребна само дозволата. Но, кога со него разговаравме пред неколку месеци и го прашавме до каде се работите со планираната инвестиција Јовановски одби да даде изјава. Тоа се случи и денеска.
Мите Јовановски освен на овој угостителски објект е сопственик и на мотелот „Македонија“ кој се наоѓа на автопатот Велес – Градско, кај Караслари и беше дел од најстарата угостителско – трговската фирма „Интернационал“ во Велес. /С.А