Старец од Велес моли за пари за да си купи лекови
Една третина од пензијата му ја запираат, со остатокот од 5.500 денари живее седумдесет и две годишниот Тодор Манев од Велес. И тие не му стигнуваат за лекови што мора да ги зема бидејќи преживеал четири мозочни удари. Згора на тоа здравствената состојба му ја влошува спондилозата и другите пропратни болести што го навасале. Сопругата на Тодор починала пред две години, па тој останал да живее со невработениот син. Дел од пензијата му ја запираат за неплатен долг од над 60 илјади денари за електрична енергија и веќе долго време му е исклучена.
„Многу тешко го поминувам месецот. Ноќе не можам да спијам од мисли како да преживеам. Би сакал ако може некој да ми помогне, се надевам дека се уште има хумани луѓе во градот. Сите пари што ми остануваат од пензијата ми одат на лекови и не ми останува ниту за храна а камоли за сметки да платам. И јас сакам редовно да си ги плаќам сметките како порано што сум правел ама еве немам, не стасува“, рече Манев.
Додека бил здрав и способен Тодор се снаоѓал, работел приватно, па дури и помагал на други луѓе. Како поранешен трговец и занаетчија тој секогаш бил во движење и секаде притекнувал на помош.
„Јас и ден денеска помагам на други луѓе колку што можам. Жалосно е на овие години да трпам и да се мачам за да преживеам. Јас сум од боречка фамилија, тетка ми била првоборец, татко ми соучесник. Мојот син има поминато три војни, во 1991 кога се распадна Југославија, војната го затече во Словенија, па кога се врати од таму го земаа во Босна, а во 2001 година се пријави доброволец , беше во специјалната единица лавови, и сега е без работа.
Тодор се надева дека се уште постојат хумани луѓе и ќе покажат добра волја да му помогнат, затоа што како што вели и тој допринел за ова општество и заслужува да живее нормален и достоинствен живот./Д.С