Ацо Петров стечаен управник на велешки „Жито Вардар“
Велешки „Жито Вардар“ оптиде во стечај. Вкава одлука вчера на одржаното рочиште донесе Основниот суд во Велес. Стечајот е отворен по барање на повеќе доверители меѓу кои и една банка, деловни претпријатија и државата на кого фирмата должи над 480 милиони денари.
Сметката на фирмата е блокирана подолг временски период, а поради големиот долг и кредитите поголем број од објектите на фирмата се под хипотека. За стечаен управник судот го именуваше Ацо Петров кој има обврска во најскоро време детално да ги испита побарувањата и обврските на должникот кон доверителите, да изврши попис на имотот на фирмата и да изготви целосен извештај за економско-финансиската состојба на компанијата.
На рочиштето е одлучено Собранието на доверителите да се одржи на 14 јуни годинава. Според стечајниот управник моментално во „Жито Вардар“ се вработени само 15 работници, за разлика од порано кога имаше над 600 работници.
Инаку „Жито Вардар“ со производство од над 20 илјади векни леб беше најголем производител и ги снабдуваше жителите не само на Велес туку и на сите поголеми населени места во општините Чашка, Градско, Лозово, а продаваше леб и во Скопје. Исто така фирмата ја спасуваше државата од увоз на свинско месо на домашниот пазар бидејќи располагаше со неколку фарми во кој одгледуваше над 60 илјади свињи. /Д.С