Членови на Здружението за заштита на животни и денеска собираа пари за Никола, чиј дом изгоре во пожар
Членови на Здружението за заштита на животни „Гласот на животните“ и денеска собираа пари за нивниот другар и пријател Никола Александров, чија куќа изгоре во пожар. На двете волонтерки не им пречеше сонцето да седат покрај касата поставена на тротоарот пред велешкиот суд, а граѓаните кои минуваа од тука донираа пари кој колку може. За шест часа собраа околу шест илјади денари што ќе му ги дадат на дваесет и две годишното момше со кое судбината и овој пат си поигра.
„На првата акција за собирање пари во вторникот рековме дека ќе продолжиме со организирање на хуманитарни настани со кои сакаме да му помогнеме на нашиот сограѓанин Никола и еве денеска сме повторно покрај касичката. Се надеваме дека граѓаните и овој пат како и досега ќе покажат доблест и ќе донираат пари и сите заедно да му помогнеме на Никола да си обезбеди дом за живеење. И во наредните денови ќе организираме хуманитарни активности се со цел да му ги олесниме овие тешки моменти во кои моментално се наоѓа, рече Моника Петковска.
Членовите и волонтерите на Здружението за заштита на животни на хуманитарната акција во вторникот собраа над 17 илјади денари. Граѓани донираа во касата што беше поставена спроти Гимназијата Кочо Рацин и во касичките што волонтерите ги носеа од маса до маса по кафебаровите. Помош во храна облека и пари за Никола стигнува и од граѓани и организации од други градови.
Без својот дом Никола остана пред пет дена кога пламените јазици проголтаа се што нему и на неговата сестра им оставиле починатите родители. Никола живеел сам во куќата на улица „Коле Цветков„ бр. 29, додека неговата помала сестра била сместена во дом за деца без родители. Суровата судбина по втор пат си поиграла со овие деца и ги оставила на улица. Сега на ред се граѓаните и нивната хуманост, да му помогнат на Никола во овие најтешки моменти од неговиот живот./Д.С