Повреден комунален работник – перач на улици, синоќа, во Велес
Повреден е работник на ЈКП „Дервен“ синоќа околу полноќ додека ја миел централната градска улица во Велес. Несреќата најверојатно се случила кога пукнало цревото со вода од цистерната. Работникот го држел цревото во раце и се здобил со повреди од силата на водата, раскажаа граѓани очевидци. Била повикана Брза помош и по интервенцијата на местото на несреќата работникот бил транспортиран на хирушкото одделение во велешката болница.
„Пациентот бил примен во хирушките амбуланти околу полноќ. Укажана му е лекарска помош, направени се прегледи и констатирани се повреди на лицето и на двете подлактици. Тој е надвор од животна опасност. Повредите кои најверојатно ги предизвикала силата на водата поточно притисокот од цревото се санирани но сепак било одлучено тој да биде задржан на опсервација во текот на ноќта. Станува збор за комунален работник на возраст од педесетина години. Претпладнево по извршените прегледи го пуштивме на домашно лекување,“ рече дежурниот хирург во болницата др Ванчо Граматов.
За тоа како се случила несреќата и што било причина за повредите на работникот од комунална хигиена денеска ја прашавме портпаролката на ЈКП „Дервен“. Тодорка Андреевска соопшти дека одговор од претпријатието ќе добиеме во понеделник бидејќи поради празникот денешниот ден не е работен и за вработените од управата на „Дервен“. /У.Ј