По девет месеци во училница, АКЦЕС програмата продолжува во летен камп
Македонскиот центар за граѓанско образование го избра Велес како пилот град за реализација на АКЦЕС програмата и ги избра професорите, аниматори или едукатори, потоа за првпат во државата се подготви програмата за едукација на средношколци според оваа програма додека Амбасадата на САД во Македонија помогна околу обезбедувањето на потребните реквизити, работни материјали и патувања а гимназијата „Кочо Рацин“ го отстапи просторот и во изминатите девет месеци вкупно дваесет и пет средношколци од градот ги подобрија своите знаења од англиски јазик, од историјата како и културата на Соединетите Американски држави. Учениците по деветмесечно образование организираа и завршна вечер на која говореа, водеа дијалог на англиски јазик и презентираа свои перцепции и спознанија од наученото.
„Да се подобри значи да се работи повеќе. Значи целта е да се нучи повеќе англискиот јазик, да се подобрат вештините на говорење и на пишување. Истовремено да се научи и нешто повеќе за културата и историјата на САД. Ќе работат уште понапорно наредната година и се надевам дека ќе им биде уште по забавно. Вечерва,с е беше совршено изведено од страна на децата учесници во овој проект,“ рече координаторот на проектот АКЦЕС Маја Костова од Македонскиот центар за граѓанско образование.
„Лани во септември, на самиот почеток на реализација на проектот била спроведена програма со која се утврдил степенот на познавање на англискиот јазик кај избраните средношколци додека на крајот на програмата се планира да се реализира дополнителна евалуација. Сепак најзначајниот дел од учеството во овој проект е дружењето и работата во тим како и чувството на уживање додека ги посетуваа часовите вели асистентот на проектот АКЦЕС, Митко Пиштолов од Македонскиот центар за граѓанско образование.
И средношколците позитивно го оценија сопственото деветмесечно учество во проектот. За нив тој претставува успех, учење и дружба. Нивните професори соопштија дека завршниот настан, што се одржа во Ликовниот салон, претставува презентација на се што учениците спознаа и научија.
„АКЦЕС часовите се одржуваа два пати неделно, со времетраење на еден час од деведесет минути со практикување на неформален метод на учење поточно преку забава и игра. Учениците продолжуваат во септември, годинава. Откако ќе заврши и втората година на АКЦЕС програмата во соработка со Амбасадата на САД и МЦГО, ќе се одлучи дали ќе се продолжи со истата програма во Велес и ќе се прошири ли во останатите градови,“ рече наставникот Владо Смилев.
„Најголем број на ученици беа избрани од гимназијата и од средното хемиско училиште но од различна националност. Имавме ученици Македонци, Албанци, Турци и Власи. Имавме и многу гости кои ги запознаваа учениците со информации од различни области. На пример американскиот граѓанин Џејк Лар ги запозна децата за услугите на општината и како граѓаните треба да се однесуваат кон оваа институција. Го посетивме Планетариумот во Скопје каде ја запознавме Најџин Кокс, инжинерка на НАСА која учествувала во изработката на роверот испратен на планетата Марс, писателката на познатата графичка новела Натомбој ги запозна учениците со изработката на стрип додека со Филип Тејлор од Мировниот корпус како мултиталентиран човек разговараа како е возможно во исто време да се свири на гитара и да вози на едно тркало. Наши гости од Мировниот корпус беа и Ара и Сара Мекфитерс кои учениците ги запознаа со камповите кои се финансирани од Американската амбасада и дел од нашите ученици аплицираа и се примени,“ рече наставничката Славјанка Паунова Куцулова.
Тие соопштија дека веќе е осмислена и програмата за учење за наредната година. Неа ќе ја следат истите дваесет и пет ученици на избрани теми што се блиски и ги поврзуваат Македонија и Соединетите Американски држави./У.Ј