Се ослободи улицата „Никола Оровчанец“ од железните столбчиња
Како што преку ноќ ги исекоа и оставија делови што наликуваа на шила така деновиве целосно се отстранети последните остатоци од железните шипки со кои се оградуваше просторот околу зградата на улица „Никола Оровчанец“ во Велес. Улицата се прошири и сега е потребно само уште да се воведе ред со паркирањето на автомобилите, велат граѓаните кои живеат таму. Засега сеуште не се почитуваат знаците за забрането паркирање на овој дел од улицата. Во работниот дел од денот повторно има гужва и редици со паркирани автомобили. Но, ослободена е делумно поголема површина од улицата по која единствено може да се влезе со автомобил, џип или камион во населбата Дворови што е дел од централното градско јадро.
Освен пред една продавница што сеуште ја штити комплетно железно столпче, деновиве, сите останати се целосно исечени. Остатоците од железата како шила скоро два месеци стоеја и го одбележуваа тротоарот пред зградата. Така тие што сега целосно ги исекоа ги штитеа продавниците и деловниот простор во приземјето на стамбениот објект откако претходно една година со решение на општина Велес им беше законски овозможено да им служат како ивица на тротоар.
Но, пе столбчињата ја стеснуваа во ширина улицата што е единствено сообраќајно решение за целата населба. Само по неа во „Дворови“ можат да влезат поголеми автомобили, камиони, цистерни како и возила на пожарна или брза помош. Тоа што несовесни возачи во два реда, по еден од левата и од десната страна, ги паркираа своите автомобили создаваа делумна блокада на целата населба во која работи еден клон на детската градинка, средното економско и нижо музичко училиште и има над триста домаќинства во куќи и во стамбената хивска зграда.
Граѓаните постојано се жалеа дека не можат да влегуваат и излегуваат од дома со поголеми возила. Дума во неколку наврати пишуваше на оваа тема. Потоа, во месец март, општина Велес не го продолжи едногодишното решение со кое беше овозможено законското поставување на пе столбчињата. Тогаш беа поставени и знаците за забрането паркирање на почетокот на улицата се до преминот преку железничката пруга Велес – Гевгелија. Потоа од општината, од каде ниту еднаш не соопштија на чие име гласеше издаденото решение за поставување на столбчињата, соопштија дека издале решение за нивно отстранување. Деновиве, по два месеци од првичната информација на локалната власт, пе столбчињата се целосно отстранети од пред зградата.
Убавка Јаневска