Крадци ја докусурија раритетната Збирка на научна фантастика на Центарот во Велес
Целосно е уништена збирката на научна фантастика во кражба што се случила изминатава неделава во просторијата на Центарот за научна фантастика „Визија“ во Велес. Крадците го скршиле катанецот од просторијата што се наоѓа во поранешниот хотел „Вила зора„ и биле безмилосни кон книгите, списанијата и цртежите. Уништени се и првите македонски научно фантастични романи, издадени 1958 година, кои Центарот ги купил и ги чуваше како раритет. Претседателот Љупчо Михајловски вели дека глетката што го затекнала во просторијата го запрепастила.
„Скршен беше катанецот со кој ја заклучувам влезната врата. Исто така во внатрешноста се беше испревртено и расфрлено. Ова е трет обид за уништување на се што сам или со помош на пријатели успевам да соберам, купам, обезбедам во изминатите четириесет години. Немам зборови со кои можам да го искажам својот гнев. Во два наврати претходно збирката беше десеткувана и тоа прв пат, во 2006 година, кога Центарот беше исфрлен од просторијата во зградата на Народен музеј и втор пат кога во 2015 година мораше да се иссели од просториите на урбаната заедница 9-ти Ноември. Сегашниот обид, чиј и да е, ја нанесе најголемата штета на збирката. Светот знае да ги цени раритетите каква што е Збирката книги на научна фантастика издадена во Македонија во 1958 година. Ние очигледно не умееме тоа да го зачуваме. Што друго дополнително да кажам,“рече Михајловски.
Според информациите на Михајловски, неделава, во делот од објектот на поранешниот хотел „Вила зора“ каде се наоѓаат просториите на граѓанските здруженија Сојуз на борци од НОБ, Сојуз на инвалидски пензионери и на Центарот за научна фантастика „Визија“ се случиле две кражби. Првата, минатиот петок, кога крадците влегле во просториите на инвалидските пензионери. Тогаш кражбата била пријавена во полиција но, по два дена следела втора кражба во која освен кај инвалидските пензионери крадци влегле и во просторијата на Центарот за научна фантастика „Визија“. Тоа што тие не можеле да украдат, го уништиле.
Убавка Јаневска