Водата во Дојранското езеро безбедна за капење и рекреација
Водата во Дојракнското езеро е исправна и може да се користи за капење. Резултатите од последните анализи направени во Центарот за јавно здравје во Велес покажуваат дека таа е од втора категорија и нема штетни и опасни бактерии по здравјето на граѓаните. Мостри биле земени од четирите плажи кои претходно беа забранети за капење поради загаденоста на водата во езерото. Директорката на Центарот за јавно здравје д-р Флорентина Шурбевска Ристевска вели дека овие резултати се должат на соработката меѓу Центарот и општината која ги отстранила главните загадувачи на водата во езерото, а тоа биле фекалии испуштени од локали, викендици и куќи.
Испитувањето на водата во Дојранското езеро е направено по методи од стариот правилник а утре Центарот ќе ги соопшти резултатите од анализите направени и по новиот правилник.
„Водата на езерото на плажта Златен брег е од втора категорија, на плажата Калдрма е од втора, на Градската плажа и на плажата Црвен крст исто така водата е од втора категорија. Тоа значи дека водата е безбедна за рекреација. Стручните наоди покажуваат дека водата е од петта класа по заматеност и присуство на кислород, втора класа по бактериска контаминација и по однос на останати испитани параметри е од втора класа“, рече д-р Шурбевска Ристевска.
Надлежните и понатаму ќе ја следат состојбата со исправноста на водата во езерото. Тие апелираат на поголема совест кај туристите и кај жителите, да се воздржат од фрлање комунален и каков било друг отпад во езерото, бидејќи и тоа допринесувало за загадување на водата.
Инаку до вчера траеше забраната за капење во езерото на четирите плажи на кои беше утврдена бактериолошка неисправност на водата од трета категорија. Тоа предизвика низа негативни реакции кај надлежните од општината и министерството за здравство. И министерот за здравство Тодоров, минатата недела, излезе во јавноста и соопшти дека водата во езерото била исправна за капење.
Даниела Саздова