Отворен интернет клуб во Велес
Интернет клуб во Велес отвори министерството за информатичко општество и администрација. Клубот се наоѓа во една од реновираните простории на поранешното кино 11 Октомври. На седумте компјутери во клубот граѓаните ќе можат бесплатно да користат интернет секој работен ден од 09 до 17 часот. Просторијата ја уреди општина Велес, додека опремата ја обезбеди ресорното министерство. За услугите на граѓаните во клубот ќе се грижи еден вработен на министерството.
„Овие интернет клубови имаат повеќе цели но примарно сме насочени кон реализација на концептот на инклузија а тоа значи овозможување пристап до интернет содржини на што е можно повеќе граѓани. Но истовремено праксата покажува дека овие интернет клубови се користат од многу граѓани кои се наоѓаат во центарот на градот и имаат потреба од интернет. Исто така организираме и развојни обуки за ИТ вештини и очекуваме тоа да биде пракса во иднина“,рече заменик министерот за информатичко општество Тинчо Муцунски.
„Клубот се наоѓа на одлична локација, особено во раните утрински часови кога има голема фрекфенција. Тука се одвива целокупниот живот на градот, тука поминуваат сите ученици и очекувам дека посетеноста ќе биде на задоволитетлно ниво“, рече градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.
Интернет клубот во Велес е триесетиот клуб по ред отворен во државата. Според статистичките податоци, овие клубови, лани, ги посетиле над 128 илјади граѓани од кои 70 проценти лица до 26 години.
Даниела Саздова