Фондација „Фокус“ ја започна акцијата за собирање средства за упис на студент од социјално немоќно семејство
Првите граѓани ги пуштија своите доброволни прилози во касичката што вработените на Фондација Фокус ја поставија во саботата во ресторанот на базен Снупи со што и официјално ја започнаа овогодинешната хуманитарна акција за собирање средства за упис на студент од социјално немоќно семејство од Велес. На присутните гости вработените на Фокус им поделија флаери со содржината и целта на хуманата акција. Граѓаните уште еднеш ја потврдија својата хуманост.
Акцијата на Фокус ќе трае до септември годинава. Касички ќе бидат поставени и во други ресторани, маркети и локали, а ќе бидат организирани и дополнителни хуманитарни настани со цел да се соберат потребните средства за упис на студентот. Тимот на Фокус ќе посети и неколку општествено одговорни фирми во градот со цел да донираат и да овозможат матурант со одличен успех да го продолжи своето образование.
Акцијата на Фондација Фокус е дел од програмата за филантропија и годинава таа се реализира под мотото „Сиромаштијата да не биде пречка за уште една студентска диплома“.
Инаку четврти пат Фондацијата ја реализира акцијата за собирање парични средства за упис на студент од социјално немоќно семејство. Досега успеа да запише тројца студенти на државните факултети.
Даниела Саздова