Почина 57 годишниот теовчанец Јанковски откако не успеа да се лекува во ниедна специјализирана болница
Почина педесет и седум годишниот Марјан Јанковски од велешкото село Теово откако државата нему не успеа да му обезбеди подолгорочен престој и лекување во соодветна здравствена институција. И покрај тоа што 20 години работеше во Порцеланка, тоа не беше доволно сега во последната година од неговиот живот да искористи бенефиции од здравствениот систем и како стечаен работник да се лекува во специјализирана здравствена установа.
Освен велешката болница, за Јанковски останаа затворени вратите на психијатриските болници во Негорци и во Скопје. Сиромашниот и осамен човек, кој не успеал да формира семејство, не го примија ни во еден од шестте геријатриски центри во државата иако за да остане жив и за некој да го чува и негува го нудеше својот скромен имот во родното село.
Случајот на Јанковски повторно го отвора прашањето на грижа или негрижа на институциите кон немоќните граѓани. Тој најверојатно не е единствен во државата која се декларира за социјална и отворена за помош на поединецот на кого му е потребна.
Единствената помош што му требаше на педесет и седумгодишниот болен маж му ја пружаа соседите кои го надгледуваа, му ја носеа храната од државната народна кујна, повикуваа лекар кога му требаше и го носеа на нервното одделение во велешката болница до кое единствено имаше пристап.
Тој таму и почина завчера, велат соседите со дијагноза туберкулоза. Ден подоцна Марјан Јанковски е погребан на селските гробишта во Теово.
Крајот од неговиот живот не беше ниту малку лесен во трошната и стара селска куќа, што во секој момент можеше да му се урне врз глава. Зимата ја помина без огрев затоа што поради болеста, тешка депресија и психичко растројство, не знаеше дали му студи или не. Јанковски не комуницираше со никого а не беше свесен ниту кога треба да се храни и да ги зема лековите.
Соседите со жалење ни ја соопштија тажната вест со надеж дека ова што му се случи на Јанковски нема да се повтори повеќе никому.
Убавка Јаневска