Во Велес, за два дена, собрани 210 крвни единици
Во изминатите два дена во градот се одржа 23-тата летна солидарна крводарителска акција. Одзивот на велешани, како и на предходните акции, беше голем. Дел од драгоцената течност , во двата дена колку што траеше акцијата , дарија вкупно 210 доброволни крводарители од кои 20 за прв пат ја подадоа својата рака со цел да спасат живот.
„Да се дари крв и да се спаси нечиј живот тоа е голема работа. Сакам да им помагам на луѓето и затоа дадов крв. Ова ми е триесети пат, а ќе давам се додека можам“, рече дарител.
„За прв пат дарив крв. Се чувствувам навистина горд зашто знам дека некому ќе помогнам, ќе го спасам за што ќе бидам најсреќен,“ рече крводарител кои прв пат дари крв.
Акцијата се одржуваше во Ликовниот салон каде дојдоа голем број велешани. Од Општинскиот Црвен Крст рекоа дека докопку акцијата се реализираше по завршувањето на годишните одмори бројот на собрани крвни единици ќе беше далеку поголем.
„ Презадоволни сме од одзивот на граѓаните. Тие како и многу пати досега ја покажаа својата хуманост и дарија дел од себе. И годинешнава 23-та крводарителска акција покажа дека ние , кога е најпотребно , се сплотуваме и без разлика на националната или партиска припадност знаеме да им помогнеме на сите оние на кои им е потребна помош во крвна плазма. Собраната количина на крвни единици ќе биде наменета за потребите , не само за клиниките во Скопје, туку и за потребите на здравствените организации во целата држава. Упатувам голема благодарност за велешани“, рече д-р Ефтим Димитровски.
Како и во изминатите години така и оваа 23-крводарителска летна хуманитарна акција ја организираше Републичкиот завод за трансфузиологија во соработка со Општинскиот Црвен крст од Велес./С.А.