Помалку ученици од лани седнаа на ученичките клупи во Велес
Само во основните училишта Св. Кирил и Методиј и Блаже Конески во Велес, бројот на ученици во паралелките е според законски пропишаниот. Во секоја од паралелките таму годинава учат и над 24 ученика. Во останатите основни училишта Јордан Хаџи Константинов Џинот и Васил Главинов, па и во дел од средните, бројот на ученици во паралелките е под минимумот. Најкритична и најсериозна, според градоначалникот Славчо Чадиев е состојбата во основното училиште Благој Кирков. Таму не само што се намалува бројот на ученици туку се намалува и фондот на часови, што директно се заканува на наставничкиот кадар.
„Засега опасноста од затворање на основно училиште во градот е сведена на минимум, но за жал бројот на ученици се намалува. Во најкритична фаза во моментов се наоѓа основното Благој Кирков. Заедно со основното Јордан Хаџи Константинов Џинот има околу 800 ученици, но ние очекуваме илјада. Но на долгорочен план може да ни направи проблем со наставничкиот кадар од прво до четврто одделение. Во средните училишта е намален бројот на ученици поради воведувањето на деветолетката во образовниот систем. Сериозен проблем имаме и со одлив на наши ученици кои со своите родители заминале во странство“, рече Чадиев.
На првиот училишен ден градоначалникот Чадиев ги посети учениците во подрачните училишта на Васил Главоинов во село Сливник и во населбата Превалец. Новата учебна година учениците од Сливник, по повеќе годишно чекање, ја започнаа во новиот објект, кој е изграден до старото училиште. Тој на учениците им посака успех во новата школска година.
Во општина Велес, во основните училишта, годинава се запишаа 566 првачиња што во споредба со ланската учебна година се помалку за триесетина./Д.С