Велешани бараат МЖ да им дозволи да вршат нужда во реновираниот објект на Железничката станица
Ќе се згрози од глетката секој што ќе има потреба од тоалет на Железничката станица во Велес. Вака деновиве реагираа граѓани кои често патуваат со воз кон Скопје. Стариот објект во кој се сместени машкиот и женскиот тоалет на станицата се извор на зараза, коментираше велешанецот Добре. Тој беше шокиран од глетката што го затекнала таму при последната посета. Овој сограѓанин бираше зборови за да го раскаже своето разочарување од фактичката ситуација во самиот градежен објект лоциран покрај шините, на триесеттина метри од канцелариите на вработените на станицата.
– Треба да напишете и да побарате одговор од Македонски железници зошто објектот сеуште се користи. За мене е несватливо што сеуште се употребува. Кога сите патници гледаме како по реновирањето на зградата на станицата сега изгледа старо -новиот објект тогаш зошто не можат да се користат новите тоалети во него туку уште мора да се оди во руинираните за кои сметам дека веднаш треба да се затврат и објектот да се урне. Тоалетите се лице на државата кога во неа пристигаат странци. Што си велеле тие луѓе ако морале да влезат во нив, мислам во Велес. Страшна работа. За патниците кои секојдневно патуваат не коментирам затоа што сметам дека тие досега илјада пати требале да реагираат, рече велешанецот Добре.
Првите луѓе и скоро сите вработени на станицата знаат за проблемот. Од таму објаснуваа дека правеле се за да ја ублажат глетката, со истурање на сретства за дезинфекција. Сепак за официјален став не препратија во Јавното претпријатие „Македонски железници“ – Инфраструктура.
На новинарското прашање зошто сеуште се користат старите руинирани тоалети на железничката станица во Велес кога одамна е завршено реновирањето на објектот во кој се сместени чекалната, билетарата и новите тоалети од МЖ – Инфраструктура одговорија дека се чека техничкиот прием. Според последните најави реновираниот објект ќе бил предаден во употреба до крајот на годинава.
Убавка Јаневска