Високо загаден воздухот, денеска напладне, во Велес
Точно напладне и денеска во воздухот во Велес се регистрирани високи концентрации на загадување. Според мерењето на веб апликацијата „Мој воздух“ велешани утрово се буделе додека воздухот бил чист потоа како денот се ближел кон пладне така се зголемувале вредностите на загадување. Највисоки концентрации се регистрирани напладне кога на скалата на веб апликацијата, што инаку ги превзема податоците од мерната станица Велес 2, е прикажано загадување со ПМ 10 честички од скоро 260 микрограми на метар кубен воздух. Оваа вредност е многу висока, во воздухот има над нормално загадување па затоа и самата веб апликација mojvozduh.mk ги советува граѓаните да избегнуваат да бидат на отворено подолги периоди додека на малите деца, старите лица и бремените жени им препорачува да не излегуваат без посебна потреба.
Од почетокот на грејната сезона екологистите на „Вила зора“ континуирано ги следат состојбите со загадувањето на воздухот. Претседателот д-р Ненад Коциќ вели дека првиот причинител за загадувањето е чадот од домашните огништа.
-Мора да се внимава околу употребата на видот на греење. Граѓаните чии домови се затоплуваат со дрва помалку ќе го загадуваат воздухот од оние кои за греење употребуваат на пример стари гуми. Зимава особено значајно ќе биде комбињата, камионите и другите видови на превозни сретства кои вршат дотур на производи низ градската трговска мрежа тоа да го прават рано наутро. Така нема ни да се создаваат мешаници и редици во сообраќајот ниту во воздухот нема да има големи количини на издувни гасови. И граѓаните ќе треба да се воздржат од управување на приватните возила. Што помалку да ги возат низ центарот на градот и да не ги оставаат со вклучен мотор додека претрчуваат да завршат некоја обврска.Ова се само дел од факторите кои директно придонесуваат за зголемено загадување, рече д-р Коциќ.
Секоја зима се повторува истата состојба со загадувањето во Велес. Градот пред десетина години имаше две мерни станици за регистрирање на промени поврзани со загадувањето. Последните години квалитетот на воздухот се мери на една мерна станица и тоа е така од кога компанијата која важеше за последен инвеститор во поранешна Топилница ја собра опремата и си замина од градот. /У.Ј