Тодор Натов е најстарио чевлар меѓу христијаните во стар Велес. Се родил 1888 година како син на големиот мајстор Јован, обработувач на дрво и плетач на ѕембели. Во дуќанот, што се наоѓал на местото на поранешен „Интернационал“, единствено мајстор Јован тогаш во градот произведувал дрвени „карти“- матарки , за вода, ракија и вино како и дрвени толчници за пинџур или за кафе. Тој плетел и ѕембели за земјоделски производи.

Во тоа време да имаш ѕембел значело да си богат и виден жител на Велес.

Семејството Натови, мајстор Тодор со таткото Јован, мајката Пандора и сестрата 

Мајка му на Тодор, Пандора била домаќинка и за несреќа починала кога имал три години па грижата за малото дете останала на таткото и бабата. Мајстор Јован имал дом во близина на куќата на Ордан и Миле Поп Јорданови . Нив многу ги ценел и помагал во остварување на нивните политички идеи.

Тодор не сакал да биде неписмен па почнал да се образува во турското училиште на Мегдан. Завршил основно училиште и изразил желба да го учи чевларскиот занает. Татко му не пререкол туку веднаш го однел кај некој, во тоа време, познат турски мајстор. Тој бил меѓу најдобрите чираци и калфи па мајсторот почнал да му дава да изработува најнапред ганди, а подоцна и кондури. Така Тодор научил убаво да чита и да зборува турски. Стекнал пријатели меѓу останатите чираци и калфи кои по народност биле Турци. Нивното пријателство продолжило и кога тие се исселиле од Велес во Турција каде Тодор бил неколку пати а тие со голема почит го пречекале.

Мајстор Тодор, во средина на првиот ред, на семејна фотографија на Натови

Мајстор Тодор рано се оженил и набрзо го добил синот Бошко. Кога требало да отвори дуќан и да им се радува на жената и синот започнала Балканската војна. Тој бил мобилизиран од страна на Србите, кој тогаш биле во Велес и веднаш бил испратен на фронт. Учествувал во борбите со австриските војници во реонот на Дрина каде што бил ранет и заробен како и однесен во Прага, Чешка. Таму работел како роб цели шест години. Татко му Јован, мислел дека Тодор загинал штом шест години од него не добиле никаков глас или абер.

„Татко ми раскажуваше кога се вратил во Велес и кога се појавил на влезната врата во домот пра дедо ми Јован се избезумил. Без збор да рече само го прегрнал, заплакал на глас, а потоа се онесвестил. Кога дошол при себе дедо Тодор раскажал за сите маки што како заробеник ги имал а немал можност да испрати писмо или да пушти абер дека е жив. Пред да ги ослободат дошле неколкумина бугарски офицери и им рекле:„ Сите војници Македонци еден чекор напред и веднаш да се подготвите да си одите дома“. Од радост плачеле сите. Тагата била уште поголема кога прадедо ми Јован му кажал на дедо Тодор дека при бомбардирањето на Велес загинала неговата сопруга Маре и неговиот син Бошко“, рече внукот на Тодор, Љубе Натов.

Тодор со тага во својата душа продолжил да работи и да живее како чевлар во дуќанот на својот татко. На едниот крај од дуќанот татко му правел предмети од дрво, а тој на другиот крај правел чевли кои биле многу барани од муштериите. По пет години од враќањето од робија, во 1925 година, мајстор Тодор се оженил за Марија, ќерка на леблебиџии кои се доселиле во Велес од село Скачинци. Нивната куќа се наоѓала на крајот од населбата Дворови, во близина на семејните куќи на Поп Ѓорчеви, Цилакови и Мирчеви. Таму мајстор Тодор повторно станал татко на ќерката Донка, а подоцна и на синот Благој. Така во куќата на Натови повторно се вратила радоста.

Семејна фотографија на Натови, од свадбата на Тодор со Марија

Мајстор Тодор веќе бил познат по квалитетните машки и женски кондури, ганди и сандали кога во 1934 година починал татко му, мајстор Јован. Тој продолжил да ги помага сиромашните сограѓани кои многу го почитувале и доаѓале да му помагаат.

Најголема желба му била неговите деца да застанат на здрави нозе. Така и било . Ќерката се омажила, а синот Благој во 1950 година се оженил за Цвета Силјанова со која имал син Љубе и две ќерки Марика и Елизабета.

Мајстор Тодор, во тоа време, се дружел со повеќемина велешани кои биле напредни социјалисти. Го помагал социјалистичкото движење а во неговиот дуќан се договарале акции или пак се собирале храна, облека па и оружје што се испраќале на партизаните. Слободата со радост ја дочекал.

„Сега срцето ми се исполни. Ни дојде слободата. Сега и ние имаме и училиште и писмо. Никој повеќе нема да не вика дека сме Срби, Грци или Бугари. Сонот на Гемиџиите се исполни. Навистина сум среќен и покрај тоа што животот кон мене беше многу суров“, му рекол Тодор на својот син Благој.
Мајстор Тодор по ослободувањето извесно време работел во задругата „Катуша“. Тогаш имало голема потреба од чевли и од сандали. Таму работел нешто повеќе од пет години, а потоа до 1961 година работел во својот дуќан.

Семејството на мајстор Тодор

Кога со урбанизацијата на стар Велес дуќанот му бил урнат тој не можел да седи без работа. Одел и работел во дуќанот на Славкови, веднаш до берберницата на Подалешови. Од таму се пензионирал во 1968 година и работел дома се додека имал добар вид.

Најстариот меѓу христијаните чевларот Тодор Натов доживеал длабока старост. Починал во 1980 година , кога точно наполнил 92 години. Еснафот и велешани никогаш не го заборавија овој голем мајстор и хуман човек.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

Најново