До ОИК Велес поднесени три кандидатури за Градоначалник и шест листи со кандидати за членови на Советот на Општината
Кандидатурите на актуелниот градоначалник Славчо Чадиев од Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, на поранешниот градоначалник Аце Коцевски од Коалицијата предводена од СДСМ и на Гоце Чушков од Народно движење на Македонија се трите поднесени кандидатури до Изборна Комисија на Општина Велес во законски предвидениот рок што истече ноќеска на полноќ.
Освен за нив, граѓаните на општина Велес, ќе имаат можност да изберат и нов состав на Советот на општина Велес од кандидати што ги предлагаат шест политички партии или коалиции. Тоа се листите на Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ чиј носител е актуелниот Претседател на Советот на Општина Велес, д-р Александар Колев, потоа Коалицијата предводена од СДСМ со носител е д-р Ненад Коциќ, Народното движење на Македонија со носител Панче Жежовски, на Левица со носителот Димитар Апасиев,како и на Алијансата на Албанците и на Демократската унија за интеграција.
Законскиот рок во кој ОИК треба да ги верификува и официјализира кандидатите за Градоначалник и за членови на Советот на општина Велес истекува на полноќ, во сабота на 16 септември. /У.Ј