Центарот за научна фантастика на Македонија бара да добие вода во бесплатниот простор што го доби од општината
Од сите граѓански здруженија што добија на користење бесплатен простор од општина Велес во поранешните простории на хотел „Вила зора“ само Центарот за научна фантастика „Визија“ остана без вода, вели претседателот на граѓанското здружение Љупчо Михајловски. Тој е револтиран што здружението било одминато и при решавањето на проблемот со новата водоводна инсталација во објектот. Всушност, во изминатите две години никогаш и немало вода во бесплатниот простор што „Визија“ го доби од општина Велес. Славините не протекле и сега кога се поставени новите водоводни цевки а главната линија за вода поминува до влезната врата на овој центар и над неа цевките што продолжуваат кон останатите корисници на бесплатен простор. Станува збор за просторот што општината им го дели како помош на граѓанските здруженија во Велес, вели Михајловски, кој во постапката препознава тенденциозност.
-На спратот каде што е малата канцелариичка на Центарот за научна фантастика, велам мала канцелариичка во која едвај има место за биро и столче а не за поставката што со децении ја комплетираме, за изложби и промоции, сите добија вода освен „Визија“. Единствениот Центар за научна фантастика во Македонија. Пензионерски здруженија, боречка организација па дури и две канцеларии кои се подготвуваат ама засега нема вселено граѓански здруженија и не знам за кого се, сите се приклучени на новата водоводна инсталација во зградата. Но, во нашиот простор нема. Од како сме вселени само влечеме пластични туби, шишиња и канти со вода, рече Михајловски.
Тој додава дека имало отстапки од договорот со општина Велес од самиот почеток на реализација. Иако било најавено дека „Визија“ ќе добие 18 м2 сепак добила само 9 м2 бесплатен простор во кој никогаш не протекле славините за вода.
– Што толку смета Центарот за научна фантастика и до кога ќе се игра оваа игра против него. Две години сме внатре на катот во поранешниот хотел, што сега го користи Технолошко техничкиот факултет, и немаме вода во тоалетот. Барем да ме информираше општината дека ќе мести нови цевки кога почна да го решава проблемот со дотрајаната инсталација. Јас добив простор од само 9 м2 во кој наместив контролен саат за електрична енергија па сега иако мислам дека беше потребно општината да ме извести, повика, информира за тоа што ќе се прави мислам дека таа како газда на објектот во кој што дели бесплатен простор на граѓански здруженија , треба да обезбеди да имаме вода, рече Михајловски.
Од општина Велес прво соопштија дека надлежен за став по ова прашање било ЈКП „Дервен“ кое имало професионална служба за односи со јавност. Од таму пак следеше одговор дека јавното претпријатие не врши внатрешни интервенции и не упатија одговор да побараме од општината која е сопственик на зградата во која е сместена „Визија“. Во вториот обид од општината писмено информираа дека тие го отстраниле дефектот што зимава се појавил во зградата на поранешниот хотел „Вила Зора“.
„Општина Велес како сопственик на објектот интервенираше за отстранување на дефектите. При поставување на новата водоводна мрежа ги консултиравме сите корисници на простории во објектот. Таму каде што наидовме на соработка веднаш се постави нова мрежа. Центарот за научна фантастика не доби нов приклучок бидејки со корисникот во канцеларијата пред Визија не можевме да се договориме за поставување на водоводна линија. Истата линија потоа требаше да продолжи во Центарот за научна фантастика. Во меѓувреме тој корисник самоиницијативно поставил водоводна линија. Во наредниот период потребно е да се види дали Центарот за научна фантастика го потпишал договорот со Технолошко техничкиот такултет согласно кој се предвидува колку треба да плаќа за потрошена вода, здруженијата немаат посебен саат за потрошена вода, туку тоа се определува според квадратура на користена површина, и доколку таа процедура е завршена ќе се пристапи кон изведување на нов приклучок за вода во Центарот за научна фантастика,“ напишаа од општина Велес.
Од таму додадоа дека „Визија“ ни била прескокнтата ниту заобиколена, туку поради низа објективни околности таму сеуште не била пуштена вода што ќе се случело во периодот што следел./У.Ј