Лекари и акушерка беа новите сведоци на денешното судење на гевгелиските лекари за смртта на родилката Маја Кадиева
Една акушерка и двајца лекари од Струмица кои биле ангажирани како помошници во болницата во Гевгелија ,кога почина родилката Маја Кадиева, денеска сведочеа на продолжението на рочиштето во велешкиот суд на кое се утврдува одговорноста на анестезиологот Томчо Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов за смртта на триесет и две годишната мајка и нејзиното штотуку родено бебе.
Болницата во Гевгелија имала недостиг од кадар и ги ангажирала на помош лекарите од Струмица. Сведокот Катица Лазарова, вработена како акушерка, во судницата, потврди дека таа ја примила починатата родилка, дека добро се сеќава како родилката стигнала околу 12 часот по што и било направено ЦТГ а гинекологот Венци Чалков кој бил на смена забележал дека апарартот покажал мала тахикардија кај пациентката. Во исказот Лазарова раскажа како ја прашала Кадиева зошто барала „царски рез“ ако претходно имала нормален пораѓај, за првото дете, и дека добила одговор во кој Маја и соопштила за тешко породување со вакум апарат и бебе во критична состојба.
– Мене во 15 часот ми заврши смената и си заминав дома. До тогаш, се беше нормално, како и при секое друго породување, рече Лазарова.
Но, на сведочењето на Лазарова реагираше сопругот на Маја, Димитрија Кадиев кој по завршувањето на рочиштето соопшти зошто бил незадоволен додека слушал што акушерката зборува во судница.
-Беше видливо дека жената е изгубена, не знаеше што зборува. Очигледно и беше кажано што треба да каже, но тоа го направи многу несмасно и беше целата збунета. Рече дека ја памети мојата сопруга која ја примила. Јас тврдам дека не е така ,туку дека се сетила на нео, откако таа почина. Истот така, тврдам дека таа не беше цело време присутна кога на мојата сопруга и правеа ЦДГ. Впрочем, таа рече дека тој ден имала многу работа, па ако е така, кога направила толку долг муабет со мојата сопруга. Сепак, на денешниот распит не беше поставено клучното прашање, зошто анестезиолозите биле пијани за време на породувањето и зошто гинеколозите не реагирале на тоа, рече Кадиев.
Инаку, се наближува една година откако започна судењето на обвинетите тројца лекари за смртта на триесет и две годишната Маја Кадиева од Нов Дојран и нејзиното новороденче. Тие починаа на 22 октомври 2015 година при породување во гевгелиската болница. Обвинетите лекари се товарат за нестручно постапување додека анестезиолозите биле пијани за време на породувањето. Родилката почина од задушување или прекин на доводот за кислород. Пред да почне судењето почина четвртиот обвинет лекар, анестезиологот Зоран Јовановски. /У.Ј