ВМРО ДПМНЕ денеска на две поодделни прес конференции ја фалеше легализацијата на дивоградбите и го кудеше вработувањето на сопругата на советникот Ивановски
За легализацијата на бесправно изградените објекти и за вработувањето на сопругата на членот на Советот на општина Велес, Иван Ивановски од СДСМ говореа партиските активисти на ОК на ВМРО ДПМНЕ на денеска одржаните две прес конференции во Велес.
На првата, беа повторени информациите за ефектите од спроведувањето на Законот за легализација што претходната Влада го донесе и кој, според податоците на Општина Велес, им дал можност на 9477 граѓани да поднесат барање за стекнување на правен статус на бесправно изградените објекти додека 56,9% од нив да ги легализираат дивоизградените објекти.
– Локалната самоуправа, Градоначалникот Славчо Чадиев и Владата на ВМРО-ДПМНЕ на ова прашање му дадоа приоритет. Легализацијата на дивоградбите е проект од кој директна корист имаат над една четвртина од граѓаните на Велес. Преку него се помогна на многу наши сограѓани кои од најразлични причини, а најчесто економски, претходно не успеале да ја комплетираат целата документација за да си ги легализираат семејните живеалишта. И додека ВМРО-ДПМНЕ, преку напорна работа, ја оправдуваше довербата дадена од граѓаните, СДСМ постојано и гласно критикуваше и обвинуваше дека ВМРО-ДПМНЕ реализира популистички мерки. Но сега кога тие се на власт, очигледно тоа веќе не важи – истите тие проекти кои ги негираа, денес ги копираат, обидувајќи се да ги престават за сопствени, рече Томе Венинов.
Неговата сопартијка Слаѓана Герасимова на втората прес конференција ја анализираше изјавата на советникот Иван Ивановски во која тој потврдил дека си ја вработил сопругата во ПОУ Маца Овчарова во Велес.
– Но, наместо одговор и објаснување пред велешката јавност СДСМ испрати потценување и невидена ароганција. Наместо со одговор да излезе институцијата, СДСМ пред јавноста го испрати лично советникот Ивановски. Со самото тоа што одговорот дојде од него, а не од ПОУ Маца Овчарова, СДСМ само дополнително ги засили сомнежите за тоа кој и на каков начин го извел вработувањето. Во изјавата, советникот Ивановски не се обиде да го прикрие вработувањето, туку сето тоа лично го потврди. Toj се правдаше дека било реализирано по закон, но законот е јасен – пред избори се забранети сите вработувања во државните институции. Тоа важи за сите. Како за останатите граѓани, така и за роднините на функционерите од СДСМ! И додека сето ова се случува, од најповиканите, од ПОУ Маца Овчарова и директорката Лена Гаданец цела недела има само молк, рече Герасимова.
Герасимова постави прашања до политичката партија СДСМ зошто не бил објавен јавен оглас за вработувањето на Ивановска, дали токму таабила најквалификувана за ова работно место, дали на овој начин партијата му компензирала на советникот што тој не се нашол повторно на советничката листа, не било ли тоа купување на мир во општинската партиска организација во која владеело незадоволство и дали ова било пример за животот што СДСМ ветил дека ќе го донесе во Македонија./У.Ј