Иницијатива за демократизација на ВМРО ДПМНЕ: Членството само да одлучи за кого ќе гласа на локалните избори
Како да гласаме на претстојните локални избори, кому да го дадеме нашиот глас ако не се сложуваме тоа да го сториме за кандидатот за градоначалник и кандидатите за членови на Советот на општината од ВМРО ДПМНЕ бидејќи не сме учествувале во партиската постапка на кандидирање и сметаме дека со нашиот глас ние нема да помогнеме да си ја вратиме партијата што сме ја формирале или во чиј развој сме учествувале а сега ни е узурпирана. Ова беа најчестите прашања што незадоволни членови на ВМРО ДПМНЕ, голем број од нив учесници во формирањето на политичката партија, ги поставија на присутните претставници на панел дискусијата организирана од внатрепартиска иницијатива за демократизација на ВМРО ДПМНЕ поточно до иницијаторите Александар Стојчевски , Петар Богоевски и Александар Михајловски.
– Според мене најмал проблем се Централниот Комитет, Општинскиот Комитет и Врховниот. Груевски ја црпи силата од нас обичните членови ама вие чесните што сте, што се буните, кога треба со пенкалото го гласате за да се фали дека имал 450.000 гласови. Крлежи и пијавици се ништат само кога ловџијата ќе ја отепа лисицата а тие ќе излезат и ќе избегаат. Тоа се случи еднаш и дојдовме до победа. Како кога некој ти поставува камен а ти од немукает се сопнуваш, еднаш, втор пат, трет пат значи не е до каменот туку до тебе е. Кај мене идат пратеници а јас им викам после изборите да дојдете а не пред избори затоа што јас два пати се сопнав на каменот трет пат нема. Јас сум основач што собра петстотини потписи, еве Никола Василков знае кој сум и што сум затоа што два месеца штабот на СКМ ПДП го држевме и спиевме во него, потоа бев и на Конгресот во Прилеп а ме санкционираа затоа што осум месеци бев директор и на никого без пари дрва не давав, ни на пратеници и потоа ми рекоа оти сум бил слаба карика, рече Ангелко Тошев.
– Вие како Реформатори имате ли завземено став за на членството тука присутно да му препорачате како да гласа. Изборниот процес го знаеме како е. Ако ние дадеме поддршка на ВМРО ДПМНЕ и ако победи на локалните избори тогаш како ние ќе правиме реформи и како ќе го смениме Никола Груевски? Затоа што ако на локалните избори пак победиме со 460.000 гласови нема ли тоа да биде потстрек врхушката во партијата да го дигне гласот уште повеќе?, праша Љупчо Настов.
– Имавме заробена држава сега имаме заробена партија. Со пораз на избори, тоа е начинот на кој што можеме да ја ослободиме паријата, а кој ја заробил знаеме сите, Груевски и врхушката. Се додека Груевски не го оставиме на ветрометина ќе биде така. ВМРО ДПМНЕ мора да ги изгуби овие избори за да преживее и да се ослободи од бандата која што моментално ја раководи партијата. Како да ги поддржам кандидатот за градоначалник Чадиев или кандидатите на советничката листа кога се избрани на недемократски начин? Тоа нели се коси и со ваште ставови?, праша Никола Василковски.
– Никола Груевски како дојде знаете ли? Со сила дојде со сила ќе си замине. Те бркале, ќе бркаш. Бевте ли вие во Холидеј Ин и знате ли како беше? А ние од Велес дојдовме и до сабајле останавме , до 5 часот и од таму право на работа отидовме и одма не избркаа од фирмата. Затоа ќе ви кажам: Браќа и сестри секој со својот памет, кој како мисли така нека си тера. Не слушајте никого . Инаку јас почитувам хиерархија, дисциплина и одговорност, тоа се три основни работи. Ги немаш ли, ти си ништо. Кога ќе испаднеме надвор од тука ќе се почитуваме. Ингиренции и одговорност, бре брат. Мене не може никој да ме натера да гласам за овој или за оној, рече Никола Здравев.
– Не само да се залагаме да ја ослободиме партијата од Груевски туку и од госпоѓата што за 9 илјади евра купувала влажни марамчиња и подполошки, за господинот кој на Халкидики правеше хотели а сите тука знаеме, рече присутен член на ВМРО ДПМНЕ.
– Јас имав голем број на сопартијци и пријатели со кои бевме активисти и учествувавме во многу активности но, кога врхушката ќе речеше„ црна овца“ тогаш не можеш да докажеш дека тоа не е така. Тоа беше мојот прв мотив бидејќи на полош начин осознав како е да си „црна овца“. Вториот мотив беше што во оваа иницијатива осознав дух кој што ме врати во времињата кога во партијата одевме но со многу поголемо задоволство, се нарекувавме браќа и сестри, колку тоа да звучи можеби рурално во ова модерно време, нас тогаш токму тоа не зближуваше и ни даваше енергија и сила. Сега токму тоа го препознав во оваа Иницијатива. Трето што во неа препознавам е навраќање кон изворните, оригинални квалитети на секоја личност која на свој начин придонесува. Јас препознав во оваа Иницијатива дека ќе се вратиме кон поединецот и неговата лична креативност, рече Глигор Чатмов.
Присутните иницијатори на Реформите откако ги ислушаа присутните констатираа дека токму поради револтот на членството ја формирале иницијативата за да даде можност на сите да го искажат својот со години потиснуван гнев. Тие порачаа дека создаваат нова енергија чија намера била да си го вратат ВМРО на неговите основни идеали и оставија секој да одлучи за кого ќе го даде својот глас на престојните локални избори.
– Веруваме и инсистираме на внатрепартиската демократија затоа што кога ќе ја отвориме, прокламираме и ќе го измениме Статутот на партијата, токму внатрепартиската демократија ќе овозможи сите незадоволни и сите што размислуваат различно да го кажат своето мислење и да не ја напуштат нашата партија. Наместо да посегнеме кон методи на замолчување на поединецот , на реалноста и вистината што нема да му се допадне на државен функционер ќе овозможиме секому да може слободно да каже што мисли. Промовирајќи толеранција ќе создаде капацитети на раководството да може да слуша различни ставови и мислења. Голем број од членството ја разбра нашата идеја да ја унапредиме партијата, да постигнеме единство и посилно ВМРО ДПМНЕ, европско ВМРО ДПМНЕ за европска Македонија, да обезбедиме иднина и за партијата и за државата, за нашите деца, рече Петар Богоевски.
– Секоја трибина е се по посетена и благодарам што членството препознава дека Иницијативата е единствена алтернатива која може да донесе посветла иднина на ВМРО ДПМНЕ. Повеќе од јасно е дека ВМРО ДПМНЕ без суштински реформи нема иднина. Она што во моментов се прави, кадровските освежувања, не и носат нов имиџ на нашата партија. Сите да бидеме искрени пред себе и јавноста дека со 450.000 гласачи кои гласаа за ВМРО ДПМНЕ , партијата освои победа а Груевски донесе пораз. Гласачите и партијата се заложници на погрешните политики што во изминатите три години ги водеше Никола Груевски. Не станува збор за голем патриот во државата туку за начинот на кој се раководеше Република Македонија, за гушењето на слободата, за целосната узурпација на институциите и економијата, за барање на внатрешни и надворешни непријатели, водење на антинато и антиевропски пропаганди, ширење на лажни вести, целосна контрола на членството. Така Груевски ја изгуби поддршката на западот. Затоа се потребни реформи. Вечерва се покажува дека веќе никој не се плаши, стравот исчезнува, членството верува во нашата Иницијатива, во нашата искреност, затоа што таа е единствена шанса за демократизација на ВМРО ДПМНЕ, рече Александар Михајловски.
Тој додаде дека без демократски партии нема демократска држава и побара поддршка од членовите за реформирана и модернизирана партија што ќе овозможи враќање на власт./У.Ј