Националната мрежа бара унапредување на правата на жртвите од семејно насилство
Националната мрежа против насилство врз жените во последниве шест години регистрирала дваесеттина убиства како последица од семејно насилство. Жртвите претходно го пријавувале насилството. Тие се жалеле во институциите но, ништо не било превземено. Станува збор за сериозен проблем кога се зборува за семејното насилство врз жените во Македонија. Локалните власти имаат огромна улога во пружање помош на жртвите, но и покрај тоа, оваа тема не е многу омилена кај градоначалниците, велат од Националната мрежа.
-Не можам да кажам дека оваа тема воопшто не е вклучена, туку ја има во многу мал процент во програмите на кандидатите за градоначалници. Тие го спомнуваат семејното насилство како проблем, додека другите форми на насилство, како родово базираното насилство, воопшто го нема. Значи она нешто што постои, се однесува на жртвите на семејно насилство и е премалку застапено, ако го земеме предвид бројот на нови пријавени случаи во годината, а „темната“ бројка е секогаш минимум пет патги поголема од онаа која што ние ја знаеме, рече Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Четиринаесет кандидати за градоначалници од општините во Вардарскиот регион денеска во Велес потпишаа декларација за унапредување на правата на жените – жртви на семејно насилство. Тоа се претставници на повеќе од половина поканети општини во овој во споредба со другите региони во Македонија, рече пратеничката и активистка за женски права Јулиана Николова.
– Новите градоначалници кои што ќе бидат избрани добија подадена рака од невладините организации. Овој сектор секогаш ја има експертизата, го има знаењето, па заедно со локалните власти треба да пристапат кон решавање на овие проблеми, да се воспостават СОС линии, да се отворат „безбедни“ куќи за згрижување на жените – жртви на семејно насилство, рече Николова.
Националната мрежа против насилство врз жените смета дека ова е добар почеток да почне да се зборува за ова сериозно прашање. Од мрежата побараа новите градоначалници да обезбедат поголеми ставки во буџетите со кои ќе можат да се отворат „безбедни“ куќи за жртвите на семејно насилство./У.Ј