(ВИДЕО) Коцевски: „Ќе го вратиме Фестивалот на античка драма во археолошкиот локалитет Стоби и во парк бистите на народните херои“
Поради несоодветната грижа Велес, во изминатите години, заостанува како и во многу други вредности така и во областа на културата и уметноста, рече во денешната изјава за медиумите кандидатот за Градоначалник на коалицијата „За живот во Македонија за сите“ Аце Коцевски. Доколку ја добие довербата на граѓаните тој вети дека ќе направи се Велес повторно ќе биде еден од стожерите на македонската култура и уметност.
– Така како што тоа го правевме во изминатиот период кога на моја иницијатива Советот на општината ги донесе одлуките за: основање на меѓународниот фолклорен фестивал, на интернационалниот фестивал на античка драма, на сликарско-копаничарската колонија. Се ќе направиме во наредниот период Рациновите средби повторно да ги издигнеме да бидат една од најважните културни манифестации во Република Македонија, а не само во Велес. Планираме фестивалот на античка драма Стоби повторно да го вратиме таму каде што и прилега, во античкиот театар во Стоби, а не да се организира тука во Велес, рече Коцевски.
Тој додаде дека ќе се планираат бројни зафати за подобрување на состојбите во областа на културата.
– Една од нашите намери е исто така да го возобновиме паркот на хероите и извадените бисти, кои сега се фрлени во некој подрум во Спомен костурницата, да ги вратиме таму каде што беа заедно со бистите од најпознатите револуционери од Велес, рече Коцевски.
Ако тој добие нов мандат од Велешани заедно со мнозинство во Советот на општината , Коцевски, вети инвестиции и во ревитализацијата на културното наследство со цел да се создадат претпоставки во наредниот период да се развива културниот туризам во Велес како град со богато културно наследство. /У.Ј
{vembed Y=cJPRptSRmHo}