Коцевски: Честит 11 Октомври, ќе ги вратиме бистите во Парк на хероите и посмртните останки на Брашнаров во Велес“
11 ти Октомври е важен ден, еден од најзначајните денови во историјата на македонскиот народ и другите граѓани кои живеат во Република Македонија. Ден кој е запишан со златни букви во историјата на Македонија. На овој ден користам прилика да изразам благодарност за жртвите што ги дадоа околу дваесет и четири илјади припадници на вооружените сили за да ја ослободат Македонија, рече денеска кандидатот за градоначалник на коалицијата предводена од СДСМ, Аце Коцевски.
– Затоа што да не беше 11 ти Октомври четириесет и прва година, немаше да го има 2 ри Август четириесет и четврта година и конечно, немаше да го има 8 ми Септември. Периодот на Народно-ослободителната и антифашистичка војна е единствен период во нашата историја кој конечно после Кресненското, Илинденското и другите буни и востанија завршува со позитивен исход и како резултат на тоа е формирана современата македонска држава. Морам да го истакнам следниот факт, лицемерно беше денес од претставниците на партијата ВМРО-ДПМНЕ да полагаат цвеќиња на спомен Костурницата, изградена во чест на паднатите борци, кога се знае дека истите тие ги извадија бистите на народните херои и револуционерите кои стоеја во Младинскиот парк и ги фрлија во подрумот на истата таа спомен Костурница. Лицемерно е продолжувачите и истомислениците на тие што Блаже Конески го нарекуваа „џуџето од Небрегово“, на тие што Кочо Рацин, најзнаменитиот велешанец во историјата на Велес, го нарекуваа „џуџето од Велес кој единственото добро што го направил во животот е тоа што прерано починал“, денес да положуваат цвеќе, рече Коцевски.
Тој додаде дека една од првите работи што ќе ја направат со СДСМ по освојувањето на локалната власт ќе била враќање на бистите на загинатите борци и народни херои од Народно-ослободителната војна во Парк на хероите во Велес.
– Исто така ветувам дека една од важните работи што сакам да ги направиме во наредниот период, по изградбата на споменикот на Панко Брашнар, е неговите посмртни останки во соработка со хрватските власти од Голи Оток да ги донесем во неговиот роден Велес. На крајот сакам да порачам дека во наредниот период се ќе направиме за да бидеме достојни продолжувачи на идеалите на паднатите жртви за слобода на Македонија, рече Коцевски.
Тој во истовреме упати честитка по повод утрешниот голем македонски празник, 11 Октомври, до граѓаните, преживаните борци во Народно-ослободителната војна и на продолжувачите на револуционерните традиции за добро здравје и долг живот./У.Ј