Велешката детската градинка „Димче Мирчев“ преку ФБ страната најавила присуство на митингот на коалицијата „За подобра Македонија““
Преку официјалниот Фејсбук профил, велешката детска градинка „Димче Мирчев“ најавила дека ќе присуствува на вечерашниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ. Станува збор за прифатена покана на администраторот на фејсбук страната за присуство на митингот. Веста денеска брзо се прошири на оваа социјална мрежа. За неа се зборуваше и низ градот. Беше коментирана од граѓани и од родители на децата кои се згрижени во оваа општинска институција. Тие најчесто коментираа како е можно воспитна установа да врши политичка пропаганда со „лајк“ на митинг што треба да се одржи во градот и како може да се кликаат „лајкови“ од профилот на градинката на профили против владејачката СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.
„Лајковите“ од фејсбук страната на детската градинка „Димче Мирчев“ денеска беа тема на една од прес конференциите на Општинската организација на СДСМ во Велес. Кандидатката за член на Советот на Општина Велес, Вероника Ивановска побара од градоначалникот Славчо Чадиев, кој исто така е кандидат за втор градоначалнички мандат на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, веднаш да реагира.
– Недозволиво е на фејсбук страницата на градинката „Димче Мирчев“ да се рекламираат и да се повикуваат граѓани на политички митинг. Тоа е казниво со закон. Господине Чадиев, дали знаете што направила вашата директорка на градинките? Ова ли се вашите кадри? Со вакви ли кадри ќе ја водите општина Велес? Најмалку што можете да направите е да им се извините на Велешани, рече Ивановска./У.Ј