Чадиев: Зад себе имам реализирано 370 проекти кои значат подобар живот за сите граѓани во Велес
Во последните пет месеци на Македонија и се случи вистинско помрачување во секој сегмент бидејќи се преполовија капиталните инвестиции во Буџетот, индустријата оди надолу, градежништво тоне, странски инвеститори размислуваат да си заминат, извозот опадна, девизните резерви секојдневно се топат и во последните четири месеци се намалени за 180 милиони евра, просечните плати се намалуваат, зголемувањето на пензиите е укинато . Субвенциите наместо да пораснат за десет отсто, како што ветуваа, сега ако приносот од вгодина се намали земјоделците ќе ги изгубат, додека трошоците на живот и цените секојдневно растат се зголемува сиромаштијата со што граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа кога тендери си делат луѓето од власта, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ во Велес.
Тој додаде дека 15 октомври е крајот на помрачувањето и дека ќе дојде новата ера, напредок, светлината во Македонија, кога нема да има не осветлена или не асфалтирана улица, туку парк во секое маало, нова ера во која ќе има 150 илјади нови работни места во Македонија до крајот на наредната декада.
– Сто педесет илјади нови работни места и спуштање на невработеноста на 10 %. Тоа го ветува ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Оние кои ги затекнавме, се на се беа 560 илјади вработени во 2006 година а кога заминавме во мај оставивме 730 илјади вработени. За 173 илјади повеќе вработени од кога ги затекнавме. Тоа е ВМРО, тоа е оваа коалиција. Може да не плукаат, да не навредуваат , да фрлаат со кал по нас но фактите се факти, бројките се бројки, луѓето се луѓе, работните места се работни места. Тоа не можат да го избришат, рече Груевски.
Тој вети намалување на невработеноста под 10 отсто до крајот на декадата, со 2,5 пати поголем приход поточно од сегашните 5 на 12 илјади долари по глава на жител, најниски даноци во светот, поголеми плати и повисоки пензии и субвенции, здрав и бесплатен оброк во училиштата за учениците од прво до петто одделение, сопствен дом, своја куќа, на локации што ќе чинат 1 евро за м2 и со намалени или укинати комуналии за изградба за граѓаните додека на сиромашните ќе им се отпишат старите долгови за вода.
Среќен сум што велешани умеат да препознаат дела и макотрпна работа и што избираат работници и напредок наместо уназадување, рече кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев.
– Уште поголема е честа да се биде по втор пат кандидат за градоначалник на Велес од мојата матична партија ВМРО ДПМНЕ и на чело на најдобрата општина во Македонија. Излегувам со крената глава и со чист образ, зад себе го имам реализирано најуспешниот градоначалнички мандат од кога и да било досега. Зад себе имам реализирано 370 проекти кои значат подобар живот за сите граѓани во Велес. Ја направивме индустриската зона Караслари каде што се отвори фабриката Маркард и каде работат 500 наши сограѓани, изградивме два нови кружни тека, реализиравме 120 проекти од инфраструктурата, вложивме многу во животната средина, во спортот, во културата, туризмот, социјалната заштита. Се што градиме беше по мерка на граѓаните, за нашите деца кои иднината ќе ја гледаат тука, во нашиот Велес, рече Чадиев.
Доколку го добие мандатот од велешани, тој, најави реализација на 140 проекти кои ќе го направат Велес поубаво место за живеење и ја најави економијата како главен приоритет за да се создадат нови работни места преку развивање на економските зони во Мамутчево, Речани, УЗУС како и нова што ќе се гради кај Елегант, потоа гасификација, изградба на заобиколница и друго.
Предноста на Листата со кандидати за членови на Советот на Општина Велес од ВМРО ДПМНЕ е во тоа што зад неа стојат дела, 370 реализирани проекти кои значеа дополнителна организација на градот, рече носителот д-р Александар Колев.
– Имаме локални избори, бираме кој ќе биде Градоначалник, кои ќе бидат советници, одлучуваме во која насока ќе се движи нашиот град но, на 15 октомври на овие локални избори најдиректно бираме и одлучуваме во која насока ќе продолжи да се движи нашата татковина, Република Македонија, рече д-р Колев.
Тој додаде дека на 15 октомври Велес има историска одговорност да и каже не на ненародната власт, да и застане на патот за разнебитување на државата, за откажување од историјата, од националниот идентитет и од името Република Македонија. /У.Ј