Во старата велешка болница медицински услуги на велешани им пружале и две Американки, лекарка хирург и хирушка сестра
Во Велес, во 1860 година и во состав на турската касарна, била отворена првата болница. Во неа здравствена заштита покрај војниците добивале и граѓаните. Во болницата работеле турски лекари како и еден Македонец и еден лекар од Ерменија. Лекарот од Македонија бил велешанецот Д-р Панче Васков.
По Првата светска војна во болницата се вработиле и жени. Во книгата на велешкиот истражувач Љупчо Данов „Мозаикот наречен Велес“ пишува дека во тогашната болница во Велес работеле една дипломирана докторка – хирург и една медицинска сестра. Тоа биле Американките д-р Ета Греј, испратена во Велес во февруари 1921 година како генерален супервизор, а Мариан П. Крушијанек како хируршка медицинска сестра. Д-р Греј ја презела хируршката обука на медицински сестри. Исклучителните способности на девојки што биле обучувани биле наградени со тоа што подоцна тие биле испраќани во Белград штом Владата на СХС отворила Државно училиште за медицински сестри.
Во дневникот на д-р Греј, што го водела додека престојувала во Велес, пишува:
“Во Велес дојдов во август, 1921 година. Владата на СХС соработуваше со нас во секој поглед, дури и до точка на доделување на верска утеха за нашите пациенти, како и специјални гробишта во кои ќе ги закопаме упокоените пациенти. Првите , беа без чевли на нозете. Подоцна разбрав дека тие биле муслимани, поточно Турци“, запишала д-р Греј.
Во горниот лев агол на фотографијата се сестрата Крушијанек,од лево, и д-р Греј од десно
Во нејзиниот дневник исто така запишала:
„Додека минував низ одделението за мажи во болницата се слушна далечен но, сепак јак звук на татнеж. Медицинските сестри први стигнаа до болничките прозорци. Пациентите скокнаа од креветите и се упатија кон прозорците со најголема возбуда. Мојата прва мисла беше дека некаде е отворен оган. Подоцна дознав дека вработените во болницата ја гледаат американската дизел-железничка локомотива која минуваше. Велес пред да дојдам ми го опишаа како живописен град вгнезден во прегратките на „зелени ридови”, но, кога јас бев таму, во август, беше котел од гранит . Се разбира, ние од првиот ден спиевме во болницата. Мустафа, нашиот прислужник, беше многу добар. Јасно како ѕвоно, неговиот глас заѕвонуваше во мугрите и ги повикуваше муслиманските верници на молитва. Веднаш по неговиот повик за првата утринска молитва ќе закукурикаа петлите па потоа гракаа и гавраните и страчките, од големо дрво во аголот на болничкиот двор, а кога сонцето ќе изгрееше во градот се создаваше вистинска мешаница. Малку подоцна се отвораа болничките порти. Во болницата започнуваа да пристигнуваат пациенти и така почнуваше работниот дел од денот. По набљудувањето на оваа рутина за една недела, сватив како течеше едно деноноќие во Велес. Опкружен со опасностите од различни видови, постоеше непосредна опасност од инсекти за нашите вработени. Опасноста се сведуваше на минимум. Успешни беа мерките во операцијата против комарците иако не беше толку лесно да се контролираат активностите на крилестите инсекти. Секоја ноќ подвиткани на дното на нашите спални и легнати на душеци под светлост од свеќи, ние со рацете го ловевме и убивавме секој комарец во просторијата. Го убив секој комарец под балдахинот и не добив маларија. Поголемиот дел од персоналот имаше треска од песочна мува. Додека треската беше висока, ми се чинеше дека целиот свет пее. Турците во близина на болницата, во кафеаната свиреа на некаков инструмент и пееја за мене непозната песна. А лошата жена ,чиј син починал,одеше напред-назад извикувајќи ја нејзината тага. Многу од нејзините клетви се однесуваа на некои алишта што таа неодамна ги купила за него, a тој починал“, запишала д-р Греј.Таа во велешката болница останала до 1924 година.
Инаку во болницата во Велес до 1912 година работеле и жени „хирурзи“ без образование. Тие биле приучени. Такви имало и по селата. Најпознати жени „хирурзи“ биле Евгенија Зикова, „специјалист“ за скршеница и шинато¸ потоа нејзината мајка Невена Зикова како и Ефка Пешова. Најпознат од мажите „хирурзи“ за скршеница и за шинато бил Дончо Цилак, а приучени народни лекари биле велешаните Димко – Лебарот и Илија Сребров кој ефикасно лекувал од анемија. Од Градско бил Турчинот кој лекувал од беснило. Имало и бајачи. Најпозната бајачка во овој период била Караманчевица која како надрилекарка лекувала брадавици на рацете со сол, лук и оцет и им баела на болните.
Претходно, од 1882 до 1909 година , надри лекар бил и Миле Алексо Аџиев. Аџија го викале зашто бил на гробот на Исус во Ерусалим од каде што донел повеќе лекови и масти со кои почнал да ги лекува велешани. Тој отворил дуќан на „Саармале“ и работел се додека не починал. Бидејќи потоа никој од семејството не го наследил дуќанот бил продаден а со подготовка на „лекарства“ во сопствени дуќани започнале да се занимаваат семејствата Хаџиничови и Цинциеви.
Се до Балканската војна, во градот постоеле жени кои породувале и биле нарекувани „народни бабици-акушерки“. Тоа биле велешанките Ана Цилакова, баба Ката, Сава Чушкова, баба Ката Органова, Сава Шуркова и Донка Црвенкова. Сите овие бабици биле признати и затоа продолжиле да работат и за време на војната, а и по неа.
Стоилко Андреевски