Велешките сниматели и фотографи нема да и плаќаат на Повардарска епархија по 500 или 1.000 деари за снимање венчавки во црква
Велешкиот еснаф на сниматели и фотографи им плаќа на црквите во градот по 500 денари за снимање и 1.000 денари за фотографирање на венчавките кои се составен дел од свадбените веселби во градот. Толку пари од нив барала Повардарската Епархија за секоја свадба во Велес како давачка штом се освети новиот храм „Свети Кирил и Методиј“ во центарот на градот. Тоа на нозе ги крена сопствениците на Фото студијата во Велес кои открија дека тие претходно со години плаќале по 100 денари во секоја црква во градот и за секоја свадба. Сега јавно порачаа дека немаат намера да и плаќаат по новиот тарифник на Епархијата и соопштија зошто.
– Црквата ни воведе некаква си давачка, што за нас е несватлива а и не знаеме од кои причини ја воведува. Ние за време на венчавките и кршенките во црква сме услужен сервис кој што работи за потребите на младоженците што одлучиле да се венчаат или пак на родителте што одлучиле да ги крстат своите деца. Сметаме дека црквата е народна и дека за тоа што поповите ја вршат службата добиваат доволно добра награда од тарифите што ги наплаќаат од званичниците на свадбите, рече фотографот Данчо Стефков.
Тој додаде дека на барање на фотографско – снимателскиот еснаф во градот веќе имале состанок со преставници на Повардарската Епархија на кои ништо не се договориле. Тогаш наместо договор добиле закана ако не се прифати новиот тарифник тогаш Епархијата ќе распишела тендер и ќе си избила фирма што единствено ќе го имала правото да снима и фотографира свадби и крштевки.
– Јас јавно прашувам како може МПЦ да распише тендер? И сакам уште да дополнам како е можно за сегашното плаќање во црковниот објект во кој фотографираме и снимаме да добиеме ливче од парагон блок дека сме платиле што е тотално не легален начин на финансиски документ. Ние плаќаме даноци и не знам како би можеле да ги повратиме уплатените пари во Епархијата при книжењето во сметководството и книговодството на крајот од годината, рече Стефков.
Тој додаде дека според образложението на Епархијата парите им ги наплатувале за одржување на црквите и поради потрошувачката на електрична енергија, во смисла на вклучување на рефлектори, полнењето на батериите што ги користат снимателите за фотографските апарати или камерите додека ги снимаат или фотографираат младенците и чинот на венчавката.
Снимателите и фотографите открија дека тарифникот важел во сите цркви и манастири на Повардарската епархија. Тие побараа веднаш да биде повлечен. Во спротивно се заканија со бојкот на снимањето на делот од веселбите кои се случуваат во духовните храмови долж повардарието.
И додека граѓаните на Фејсбук јавно коментираат засега нема реакција од Повардарската епархија и Митрополитот Агатангел. Единствено на селфи фотографија пред црква во Малме Владиката Пимен иронично напишал: „Пред воведувањето на сликарината.Дур е бесплатно“ /У.Ј