(ФОТО) Новиот Претседавач на Советот на Општина Велес, Душко Петров: „ Очекувам во престојниот мандат да бидеме запаметени по убавите работи што сме ги направиле за граѓаните“
Дипломираниот правник Душко Петров е избран за Претседавач на Советот на Општина Велес во наредниот четири годишен мандат. Тој по професија е адвокат и му припаѓа на мнозинството во Советот предводено од СДСМ и коалиционите партнери. Петров доби 12 гласа или еден глас повеќе од неговиот против кандидат д-р Александар Колев предложен од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Колев зад себе веќе има еден претседавачки мандат, во составот на Советот на Општината во периодот 2013 -2017 година.
Изборот на Претседавач се случи на првата, поточно конститутивна седница на Советот на Општина Велес на која исто така советничката д-р Флорентина Ристова Шурбевска, од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, со образложение дека Советот треба да има искусен Претседавач што ја познава работата на овој орган на управување на локалната власт а не млад и не искусен, како трет кандидат ја предложи советничката Весна Стојанова Богоевска од СДСМ. Но, Стојанова Богоевска не прифати и одби да биде кандидат за Претседател.
По изборот, новиот Претседавач Душко Петров прво од говорницата во салата на Советот се заблагодари за изборот со зборовите дека ќе работи чесно, одговорно и домаќински и побара да го следат останатите 22 советници.
– Сакам да има почитување помеѓу нас, прво од по младите кон по возрасните но истотот го очекувам и од по возрасните кон по младите, бидејќи по младите можеби и ќе погрешат за што очекувам разбирање од по возрасните. Како Претседател на Советот нема да ги делам колегите по никаква основа, посебно не по партиска припадност, туку ќе ги гледам како припадници на едно семејство чија цел е Велес да биде подобро место за живеење . Очекувам во престојниот четиригодишен мандат да бидеме запаметени по убавите работи што сме ги направиле и по четири години граѓаните да кажуваат дека овој состав на Советот успеа да направи нешто добро за градот. Се надевам дека дискусиите, репликите и контра репликите ќе бидат конструктивни и ќе повторам дека нема да дозволам дискриминација или навредување. Примерот што денеска се случи сметам дека не смее да се повтори поради образованоста и културата на секој однас . А за тоа што денеска мене ми се случи ќе оставам да го реши друга институција. Уште еднаш ви благодарам и посакувам успешна работа на Советот на Општина Велес, рече Петров.
Тој по изјавата за медиумите, во неофицијалниот дел, објасни дека во паузите на конститутивната седница добил недолични и омаловажувачи навреди од советничката д-р Флорентина Ристова Шурбевска и додаде дека штом ја подготви тужбата и поднесе во Основен суд во Велес на јавноста ќе ги соопшти сите детали.
Инаку конститутивната седница на новиот Совет на општина Велес се до изборот на новиот Претседавач ја водеше највозрасниот советник, Бесим Ахмедов од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Во наредниот четиригодишен мандат за сите суштествени прашања поврзани со животот на граѓаните во локалната заедница ќе одлучуваат членовите на Советот на општина Велес : Претседавачот Душко Петров, д-р Ненад Коциќ, Весна Стојанова Богоевска, Ќирил Гајдов, Менхур Бачевац, Вероника Ивановска, Маја Хеско, Максут Бакиовски, Стево Крстевски, Пандорка Лазарова Прличкова, Миле Нацев и Марко Илиев од коалицијата предводена од СДСМ како и д-р Александар Колев, д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Петре Саздов, д-р Флорентина Ристовска Шурбевска, Ангел Димов, Александар Табаков, Драган Димески, Нада Трајкова, Бесим Ахмедов, Каролина Попова и Славче Радевски од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.
На седницата присуствуваше и работата ја следеше Градоначалникот Аце Коцевски.
Инаку, повеќемина членови на овој состав на Советот веќе зад себе имаат по три или два мандати додека помалубројни се тие со прв мандат. Сепак најголем дел од нив се лекари и професори додека на прсти можат да се избројат правници и економисти./У.Ј