Основниот суд во Велес закажа рочиште за „Фени Индустри“
Постапувајќи по предлог на доверителите денеска Основен суд во Велес поведе претходна постапка за кавадаречкиот комбинат за фероникел „Фени Индудтри“ и закажа рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка што ќе се одржи на 13 ноември, годинава со почеток во 12,00 часот. Ова го соопшти денеска Основниот суд во Велес.
Како што пишува во соопштението за јавноста, поради големиот интерес на медиумите, во текот на претходната постапка од страна на судот се определени мерки на обезбедување согласно одредбите од Законот за стечај. Судот, за привремен стечаен управник го именува Мирослав Анастасиевски од Гостивар од кого се очекува да постапи по предлогот на доветителите поточно по одредена општа забрана за располагање да се грижи за имотот на Фени индустри и да не дозволи одредување или спроведување на присилно извршување како и на исплати од сметката на Фени индустри.
Сега судбината на над 800 вработени во Фени индустри ќе се решава на рочиштето закажано за 14 дена и не е поддржано од работниците кои сметаат дека станува збор за игра поттикната од домашни моќници, поранешни директори на Фени, кои и покрај активните кривични пријави повторно му се намеречиле на комбинатот. Претседателот на синдикалната организација на Фени индустри, Ѓоре Палитов, денеска најави штрајк.
– Од страна на банките до бугарскиот инвеститор Енекод се поставуваат нереални барања за гаранции кои можат да ги издадат само неколку банки во светот. Се со цел Енекод да се откаже од купувањето на Фени. Сакам да ја информирам јавноста дека Енекод веќе потпиша договор за купување на Фени и договорот е во сила. Исто така се поднесени документи до Централен Регистар за назначување на бугарскиот инвеститор за превземање на директорските функции во Фени. Ва целиот случај се работи за лични интереси на поедини моќници во државата, рече Палитов.
Тој додаде дека бугарскиот инвеститор не се откажал од Фени но и дека се правело се истиот да се откаже. Палитов откри дека конструктори на целата игра се банките кои инсистирале фабриката да се продаде на Швајцарскиот фонд за кој немале информации чиј е но, имале сознанија дека зад него стојат поранешни директори на Фени.
Инаку стечајот на оваа македонска компанија го побараа банките Комерцијална, Силк и Стопанска како најголеми доверители за долг вреден 40 милиони евра. Останатите 20 милиони Фени индустри ги должи на доставувачи, на вработените и на други субјекти./U.J